ЗИМСКА ТРИЛЕР-СТОРИЈА
Состојбите се менуваа како на филмска лента. Иако ги презеде сите мерки на претпазливост, полковникот Долгоруков не сметаше на извонредните способности на одметнатиот генерал Леонид Василевич Рибкин и неговата приватна војска. Впрочем, тој и не очекуваше учество на еден по малку и подзаборавен висок офицер. Но овој приватен ешалон од крвопијци доби ангажман од Москва за да се вмеша во играта со компромитирачките материјали. Тие тивко и без ронка милост расчистија со дел од обезбедувањето на Долгоруков поставено пред дачата на Калугин. Потоа ги изненадија и луѓето на полковникот што демнеа на Воронцов и неговите во салонот. Полковникот зажали за својата погрешна перцепција и лежерноста со која му дозволи триумф на противникот.
– Жалам што нема да си го дочекаш пензионирањето, Андреј Михајлович, кое, патем, го заслужуваш – сега генералот Рибкин шеташе како паун низ салонот. – Но тоа е иронијата на животот, нели?
– Ти… ми кобиш? – иронично забележа Долгоруков.
– Само ја кажав вистината, стаорецу.
– Запомни, ти не си бог, Рибкин. Освен тоа, за мене се зборува дека сум човек со многу животи. Не ми се верува дека ми се подготвува крајот!
Рибкин го впери показалецот во Долгоруков:
– За тебе сум генерал Рибкин, гнасо! Но, дефинитивно, ти не си со сите. По казна, ме испратија ваму во Верхојанск. Тоа беше казна за мојата дрскост кон оние од повисоко ниво. Потоа истите тие ме замолија да се вмешам во оваа игра. Мојата мала но извонредно подготвена приватна армада сега треба да им послужи да си ги исперат валканите алишта. Немој да се занесуваш и да мислиш дека и овој пат ќе преживееш благодарение на твојот прекар, полковнику Долгоруков!
– Рибкин, ти си демобилизиран глодар, кој е потрошен материјал. Зарем мислиш дека тие што те ангажираа ќе ти платат? А, да, секако. Куршумот во чело и збогум! Што се однесува до мене, мојот омилен прекар сигурно ќе ми овозможи и пензија и долг живот!
– Дурак! – згрме генералот Рибкин и силно го потфати со тупаница преку лицето.
Долгоруков почувствува силна болка, а потоа крвта во бразди му се спушти од носот и устата кон брадата. Човечето не само што машки го поднесе ударот туку и успеа да се задржи на нозе, што претставуваше вистинско чудо.
– Некогаш бевме партнери – генералот се сврте кон Воронцов, кој трепереше од страв – при лиферување муниција и оружје за Чеченците. Бевме надвор од законот. За жал, ти со твоите непромислени постапки го доведе ова шпионско магаре Долгоруков во Верхојанск. Компромитирачките материјали што лежеа во твојот домашен сеф и поради кои се загрозени интересите на значајни луѓе од власта, на чудесен начин дошле до рацете на твојата сопруга. Кажи ми, како се случило тоа?
– Прости ми, генералу, но мојот адвокат Иван Кузнецов тврдеше дека материјалите се во нејзини раце. Кога го прашав од каде тој податок кај него, кажа дека Марија лично му се обратила со молба да ја упати на адреса на која има одговорни личности што ќе знаат како да ја заштитат и како да се справат со крупни ѕверки. Да спомнам дека таа му се јавила дури откако била на безбедно. Ниту јас ниту тој не знаевме каде се кријат. По долго време, моите трагачи успеаја да дојдат до нејзината школска другарка во Краснојарск, каде што се наоѓаше Каја. Потоа беше лесно да се дојде и ваму во Тирек.
Воронцов воздивна и продолжи:
– Луѓето што се чувствуваа загрозено се заканија дека ќе ги земат во заложништво Марија и Каја. Но кога се обидоа да го изведат тоа, видоа дека од нив нема ни трага ни глас. Се плашев од тврдоглавоста на мојата сопруга. Доколку таа на некој начин дошла до тие доверливи информации, тогаш беше прашање на време кога ќе ја обелодени веста и ќе ги запознае органите на безбедноста со нивната содржина.
– Затни си ја устата, Воронцов! – му се вдаде Долгоруков. – Зарем мислиш дека ќе се извлечеш со тоа што ги ставаш на вага животите на твоите? Оваа стеница од генерал штом ќе дојде до материјалите, веднаш ќе се погрижи да исчезнете еднаш засекогаш. Освен тоа, дури тогаш тој ќе започне да уценува за да се врати на позицијата што некогаш ја имаше!
Ударот со тупаница овој пат беше страшен. Човечето летна во другиот крај од салонот и остана да лежи на подот. Малечката се расплака, а по неа и Марија.
– Каде е сега тој твој адвокат, Воронцов?
– Тој… тој исчезна, генералу – Воронцов трепереше како лист.
– Исчезна? – Рибкин ги ококори очите. – Но што ако материјалите се кај него? Сепак, треба малку да позборувам и со Марија, нели?
Марија молчеше. Очите ѝ беа потечени од плачење.
– Што има да ни кажеш, Воронцова?
– Ниту знам нешто за сето ова што го слушнав од двајцата, ниту располагам со материјали што можат да ја компромитираат половина Русија, господа.
– Оф! – генералот удри со дланка по сопственото колено. – Сега повторно сме на нула. По ѓаволите, некој од вас ќе мора да пропее бидејќи времето нѐ гази. Но за да се случи тоа, потребно е да извршам притисок од кој ќе кажете и што знаете и што не знаете, дами и господа!
Роберт Торн

































