Зимска трилер-сторија (1)

Траперот ги затегна уздите и четирите ирваси ги вкопаа копитата во снегот. Растревожено стресоа со гривите, на кои се беше налепила снежна прашина, а низ ноздрите им фурнаа облачиња пареа. Наоколу весело се пронесе ѕвонот на ѕвончињата со кои беа накитени. Под стариот издолжен покрив на појатата беа сместени неколку запреги. Во централниот дел боботеше тенекиена печка. Сибир стенкаше под челичните окови на мразот со над триесетина Целзиусови степени под нулата. Низ внатрешниот дел од лавиринтите на Верхојанскиот ’рбет, температурата беше повисока за неколку градиуси.
– Серјожа, момче, ајде погрижи се за моиве ѕвездички – благо заповеда Николај Михајлович Калугин со својот моќен баритон. Неговите груби крупни дланки нежно поминаа преку лицето на момчето. Потоа го погали по косата. – Добро знаеш колку ми значат. За ова нема да ти побегне добра напојница!
– Благодарам, Николај Михајлович – момчето гледаше во крупните очи на траперот, во кои се отсликуваа пламените јазици од печката. – Ти имаш топло срце.
Калугин ја симна шубарата и го истресе снегот врз момчето. Одекна смеа. Со долги чекори, траперот се упати кон влезот од дрвената барака во која беше сместена крчмата. Во истиот миг, пред него запре санка во која беа впрегнати сибирски хаски. Сопственик на запрегата беше најдобриот ловџија на Јакутија.
– Здравствуј, Ајсен! – поздрави Калугин.
– Здравствуј, Привидение!
Тие се прегрнаа.
– Ајде да видиме кого доведе во овој бел пекол, Ајсен?
Јакутот се насмеа и ги покажа ретките заби:
– Овој пат носам едно големо изненадување, Привидение. Штотуку ја доведов Снежната Кралица, пријател!
Погледот на Калугин скршна кон санката. Таму здогледа големо количество на исушени кожи и крзна од застрелани ѕверки. Некој упорно се обидуваше да излезе од под топлата покривка.

– Помогни ѝ на Снежната Кралица да се симне од санката, момче – побара Калугин смеејќи се на глас.
Пред него застана убава жена. Вистинска кралица. Светлото од фирмата фрли зраци врз крупните маслинести очи на дојденката.
– Дозволете, јас сум Николај Михајлович Калугин од Тирек, познат по прекарот Привидение – поита траперот, кој беше видно вознемирен од нејзиното присуство.
За миг, младата жена се ослободи од шалот и му упати волшебна насмевка. Пред траперот молснаа две бисерни низи.
– Воопшто не верував во чудните приказни за Јакутија, господин Калугин, па донесов одлука да се оддалечам од градската врева и метежот на урбаната средина. Еве, пред мене стои големиот предизвик, снежниот и мразен Сибир. Патем, јас сум новата учителка во Тирек, Марија Василевна Воронцова.
– Останувате долго?
– Што мислите вие? Дали можам да издржам на овој мраз?
Траперот се почеша под шубарата и нишна со главата:
– Искрено, не ми се верува дека ќе издржите. Впрочем, веќе загубивме неколку учителки, ама уште повеќе учители, почитувана. Сепак, јас верувам дека на почетокот е навистина тешко за луѓе навикнати на градски живот. Понатаму, сѐ зависи од природата на личноста. Во секој случај, имам претчувство дека вие ѝ припаѓате на групата што пркосно ќе застане наспроти мразниот здив на природата.

– Оф! Да се надеваме дека нема да се измамите во вашата интуиција, господин Калугин.
– Простете, за вас само Николај или Сениште. Уште нешто. Вие сте најпријатното изненадување во оваа недојдија!
– Ме засрамивте, Николај. Лицето ми поцрвене, но овој пат не од студ. За вас, јас ќе бидам само Маша.
– Убаво, Маша. Јас ќе се обидам престојот тука да ви биде што е можно полесен. Ајсен, од каде ја презеде нашата учителка?
– Штотуку долета со воен хеликоптер од Јакутск. Јас ја презедов од импровизираниот хелиодром во Багатај и притоа ја искористив шансата да испратам посебна тура квалитетни крзна за Санкт Петербург.
– Претпоставувам дека ќе биде веднаш згрижена во квартитрите на училиштето?
– Секако, Привидение. За тоа лично се погрижи господинот Павел Романович Сопоткин. Но бидејќи човекот се разболе, негова препорака е ти лично да се погрижиш за нејзино сместување.
– Јас? – Калугин се збуни. – Како тоа, Ајсен?
– Треба време апартманот во училишната зграда да биде подготвен. Зима е и гревота е нашата учителка да мрзне. Павел Романович, нашиот кмет, предложи дамата да се смести во твојата дача бидејќи таа е најдобро опремена.
Николај погледна во Маша и беспомошно ги рашири рацете:
– Вие ќе бидете добредојдена во мојот скромен дом, Маша. Се разбира, доколку ви се допадне таму.
– Дали имам избор, Николај?
– Секако дека имате. Хеликоптерите често навраќаат ваму.
– Ама… ајде ве молам. Се обидувате веднаш да ме одвратите од намерата?
– Никако…!
– Секако дека се шегувам.
– Почитувам шегобијци, Марија. Ајсен, одведи ја учителката до мојата дача. Имаш клуч и само достави дрва во каминот. Јас ќе ѝ се придружам откако ќе ги завршам моите работи во населбава.
– Како ќе кажеш, Привидение.