Билјана Симакоска постави видео од ДНК на „Тајмс сквер“ во Њујорк

Билјана пораснала со музиката на ДНК и како нивна обожавателка присуствувала на голем број настани, од кои многу биле со хуманитарна димензија

Билјана Симакоска има 30 години и живее во Њу Џерси. Во Америка е од девет години, но секое лето се враќа во Македонија. Њујорк ѝ е омилен град и отсекогаш го посетувала, а претходно и живеела и работела таму. Моментално работи како адвокатка во фирма.

Во знак на почит кон настраданите во страшната трагедија што се случи на 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани, таа неодамна постави видео со еден од настапите на ДНК на „Тајмс сквер“ во Њујорк. Таа пораснала со нивната музика и како нивна обожавателка присуствувала на голем број настани, од кои многу биле и со хуманитарен карактер.

Видеото предизвика големо внимание

Фото: Принтскрин

– Во знак на почит кон настраданите во страшната трагедија во Кочани ја поттикнав иницијативата да поставам видео со еден од настапите на ДНК на „Тајмс сквер“ во Њујорк. Идејата беше поттикната од силната емоција и желбата да испратам порака на солидарност, љубов и обединетост преку музиката на ДНК со која пораснав. Видеото се емитуваше 24 часа, повторувајќи се секој час, и предизвика големо внимание – од македонската дијаспора, но и од случајни минувачи, кои се заинтересираа за пораката и за музиката – ни сподели Билјана.

Таа е обожавателка уште од самите почетоци на музичкото дуо ДНК составено од Андреј и Панчо.
– Со нив пораснав – нивната музика ме придружуваше низ убави и разни животни ситуации. Присуствував на многу нивни настапи, особено оние што имаа хуманитарен карактер. Имам многу спомени, но најсилен впечаток ми оставија нивната искреност и блискост со публиката. Со оваа иницијатива почувствував дека иако далеку, сепак сме поврзани преку емоциите и вредностите што ги делиме – емотивно зборува Билјана Симакоска.

Симакоска му ја исполни и желбата на Андреј

Преку ова емитување таа ни сподели дека испраќа неколку пораки.
– Прво, дека не смееме да ги заборавиме оние што ги загубивме; дека музиката има сила да нѐ обедини, а посебно нашата македонска музика, и да му ја исполнам желбата на Андреј, кој во повеќе интервјуа имаше кажано дека би живеел во Њујорк. Затоа што заслужуваат да бидат слушнати и видени, дури и на едно од најпознатите места во светот. Преку спомените, жртвите ќе живеат вечно – подвлекува Симакоска.
Македонското музичко дуо ДНК со години беше, но и ќе остане миленик на македонската публика без разлика каде се наоѓа.