Најновото 38. издание на меѓународната ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“ и годинава традиционално се одржува во истоимениот манастир. Ликовната работилница е средиште на креативност и културна размена меѓу годинашните учесници од земјава и странство: Ана Белтран Поркар од Шпанија, Хенда Лоулизи од Тунис, Халид Ел Бекаи од Мароко, Орест Циупко од Украина, Мирослав Цаповчак од Словачка, Ерман Караѓоз од Северен Кипар, Дарина Дочева од Бугарија и Зоран Чалија од Србија, како и Мирослава Трујкановиќ, Стефан Хаџи-Николов, Стефан Младеновски, Анета Стојчевска и Јулијана Гешоска од Македонија.
Традиционално, темата за творење е слободна, по сопствен избор на учениците, но се очекува и годинава уметниците да бидат инспирирани од автентичното духовно и природно опкружување на манастирскиот комплекс „Свети Јоаким Осоговски“ и да создадат уникатни уметнички дела низ кои ќе се рефлектира богатото културно наследство на овие простори. За време на колонијата ќе се реализира и самостојна изложба на сликарот Стефан Хаџи-Николов, долгогодишен учесник на манифестацијата и член на Организацискиот одбор, во ЛУ Градски музеј во Крива Паланка. Идејата е на музејската установа, која од годинава започнува со серија годишни изложби на уметнички дела чии автори истовремено се и учесници на меѓународната ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“.
Создадените дела од 38-то издание на оваа значајна ликовна манифестација ќе бидат изложени во галерискиот простор на Осоговскиот манастир, а потоа и во Крива Паланка и други градови во земјата. Ликовната колонија се реализира со поддршка на Министерството за култура, Општина Крива Паланка и манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ при МПЦ-ОА. Годинава оваа ликовна манифестација е дел од многубројните културни настани од програмата на „Крива Паланка – град на културата 2024“.