Климатските промени влијаат на изборот на дестинација за летување
Топлотните бранови и зголемените температури сѐ повеќе почнуваат да ги менуваат навиките на туристите во текот на летото. Додека порано повеќе се посетуваа јужните региони, сега се избираат дестинации на север, како Велика Британија или Скандинавија.
Парижанката Матилде Мартин, која во екот на летото знаела да побегне на југот на Франција, во регионот каде што пораснала и каде што живеат нејзините родители, сега го менува правецот откако летата стануваат многу топли.
– Понекогаш на југот на Франција ми е тешко да дишам. Моите родители, кои живеат во Ница, постојано ми кажуваат со загрижен тон дека не врнело со месеци – вели таа.
Поради тоа таа решава да оди со воз на поладно место во текот на летото, а годинава ќе пешачи по јужниот брег на Англија и ќе се упати кон југ напролет или наесен кога не е толку жешко, а морето е сè уште топло.
– Минатата година моите родители знаеја да ручаат надвор во градината сѐ до декември. Областа страда од климатски промени и суша. Како што се засилуваат топлотните бранови сѐ повеќе има и шумски пожари – вели Мартин.
Матилде Мартин е еден од многуте европски патници што го сменија начинот на кој ги планираат своите одмори. Тројца од четворица (76 отсто) европски патници го приспособуваат своето однесување на климатската криза, покажа новото истражување на Европската комисија за патувања (ETC), кое го сподели „Гардијан“.
ETC годинава ги анкетираше луѓето на прашањето како влијае климатската криза на нивните летни аранжмани.
Третина (33,7 отсто) од Европејците изјавиле дека избегнуваат дестинации каде што се веројатни екстремни временски услови, покажа истражувањето на ETC. Нешто повеќе од 16 отсто барале дестинации за одмор со постабилни временски услови. Еден од десетмина (8,5 отсто) изјавил дека ги менува месеците во кои патува, додека еден од 10 патници изјавил дека е загрижен поради екстремните временски услови.
Но, со овие навестувања за почетокот на промените, извештајот на ETC, во кој беа анкетирани луѓе од Германија, Обединетото Кралство, Франција, Холандија, Италија, Белгија, Швајцарија, Шпанија, Полска и од Австрија, покажа дека јули и август сепак остануваат најпопуларни месеци за патување, а потоплите дестинации – Италија, Шпанија, Франција и Грција – повторно се меѓу топ дестинациите. Тенденцијата за одмор за време на „крајот на летната сезона“ се чини дека е поизразена единствено кај патниците од Обединетото Кралство.
Најновите достапни податоци од АБТА, асоцијација за патувања, трговско здружение на британски туроператори и туристички агенти, покажуваат дека сега мај, јуни и октомври се најпопуларните месеци за одмор во странство. Некои туристички компании исто така известуваат за зголемен интерес за поладните дестинации.
Лора Гринман, туроператорка специјализирана за одмори во постудени дестинации, вели дека барањата од британските и ирските купувачи за семејни одмори се удвоиле за летото 2024 година во споредба со минатата година.
– Речиси сите од овие клиенти наведуваат дека причината за изборот на Скандинавија е затоа што е поладна во лето од другите европски земји – вели Гринман.
Некои агенции пријавуваат 40 отсто зголемување на резервациите за скандинавските дестинации во споредба со минатата година кај клиентите во Обединетото Кралство.
Едуардо Сантандер, извршен директор на Европската комисија за патувања, вели дека стабилното време е клучно за патувањето и туризмот.
– Неодамна почнавме да ги анкетираме европските патници за тоа како ги приспособуваат своите планови како одговор на променливите временски услови.
Нашите наоди покажуваат дека патниците сѐ повеќе се свесни за екстремните временски настани и нивното потенцијално влијание врз нивниот одмор. Сепак, таквите грижи обично се краткотрајни. Патниците можеби се загрижени за време на летото, но често ги занемаруваат овие прашања кога го резервираат својот следен летен одмор.
– Гледајќи напред, предвидуваме дека промените во временските шеми би можеле да влијаат на сезонските туристички текови во Европа. Поладните дестинации може да станат попопуларни во текот на летото, а патниците може сè повеќе да избираат да ја посетат Јужна Европа напролет и наесен, избегнувајќи ги најфреквентните месеци во летото – се наведува во извештајот.