„Одбележуваме историја, но и создаваме историја“ – напишаа членовите на легендарното трио „К-15“, Бранко Огњановски, Васко Тодоров и Бубо Каров, по завршувањето на вчерашниот, трет концерт по ред во полната арена „Борис Трајковски“ во Скопје.
Со ова тие речиси го направија истиот подвиг, како и на почетокот на кариерата пред 30 години, кога одржаа концерт на Градскиот стадион, пред 15.000 гледачи.
Всушност и бројката на посетители по серијата настапи во „Борис“ е слична, можеби овојпат е малку поголема.
Овие концерти беа долго најавувани и подготвувани со одбрана екипа, која застана зад нивната реализација. Се мислело буквално на се, но шармот и овојпат го создадоа Миле Паника, Тошо Малерот и Цацко Конопишки. Повторно оживеаја пред публиката ликовите со кои израснаа повеќе генрации. Сите присутни беа презадоволна и реагираа на секој изречен збор. И прошетавме низ најдоброто од доброто, се потсетивме на многу добри фори и реплики, кои веќе се дел од нашата секојдневна комуникација.
Секако и политиката беше на тапет, па и идентитетот, малверзациите, разните игри и игрички, но и пеховите на обичниот човек, чие огледало се. Сите во салата се смееја од срце, аплаудираа, па и ги потпевнуваа популарните сонгови. На заминување рекоа дека три ипол часа, колку што траеше концертот, никогаш не им поминале побрзо.
Во паузите на големиот екран ги проследивме најпопуларните скечеви, како и најинтересните гости кои беа дел од овој серијал, а неколку познати личности го кажаа своето мсилење зошто „К-15“ имаат култен статус и зошто толку долго трае интересот на луѓето за нив. Беше споменато и дека политичарите на една од најголемите македонски партии, своевремено го запреа нивното емитување на малите екрани, а ја укинаа и нивната телевизија, во чие создавање тројцата многу вложија. Можно ли е дека се уплашија од нив? За среќа, со овој чекор не е намалена важноста на овој серијал во нашите животи и љубовта и лојалноста на публиката кон нив. Впрочем, историските три полни арени за три последователни дена, се прв ваков успех што го постигнале македонски артисти.
За целокупниот впечаток многу придонесе и магичниот оркестар со кој диригираше Џијан Емин и секако режисерот Синиша Евтимов, кој е најзаслужен што се беше „под конец“.
На крајот, стоејќи публиката бурно ги награди Бранко, Васко и Бубо. Иако беше најавено дека ова ќе биде последен јавен настап на дружината „К-15“, сите искрено се надеваме дека ова беше само маркетиншки потег, како што се прави секаде во светот, и дека многу скоро повторно ќе ги видиме омилените ликови на малите екрани, со нешто ново и актуелно.
Магијата нека трае барем додека сите тројца не ги добијат заслужените награди за животно дело! М.Т
Марија Таушанска
Фото: „К-15“