„Оскарите“, наградата на Американската академија за филмски уметности и науки, оваа година првпат од 2018 година повторно ќе имаат домаќин на церемонијата, објави американската телевизиска мрежа Еј-би-си, која секоја година ја емитува церемонијата.
Годинашното, 94-то доделување, кое е закажано за 27 март, се враќа во Холивуд и, традиционално, во театарот „Долби“. Минатата година, поради пандемијата на коронавирусот, академијата организира гала-вечер на големата железничка станица во центарот на Лос Анџелес, со намален број гости.
Засега не е познато кој ќе биде домаќин на церемонијата, но во 2017 и 2018 година тоа беше комичарот Џими Кимел, додека Кевин Харт ја одби понудата да биде домаќин во 2019 година, откако на социјалните мрежи повторно се појавија неговите пораки на Твитер што беа оценети како хомофобични.