Селото Асередо од северозападниот дел на Шпанија „исплива“ по големата суша, која речиси ја испразни акумулацијата на шпанско-португалската граница, привлекувајќи толпи туристи со своите морничави, сиви урнатини. Со тоа се открија детали за животот што бил „замрзнат“ во 1992 година, кога селото Асередо во регионот Галиција било потопено за да се создаде браната Алто Линдосо.
– Како да гледам филм. Се чувствувам тажно – рекол 65-годишниот пензионер Максимино Перез Ромеро од Коруња.
Шетајќи низ калливата земја испукана од сушата на некои места, посетителите пронајдоа делумно срушени покриви, тули и дрвени урнатини, кои некогаш формирале врати или греди, па дури и фонтана со вода што сè уште истекува од ’рѓосана цевка. До некогашното кафуле биле наредени гајби со празни пивски шишиња, а до камениот ѕид бил паркиран уништен и ’рѓосан стар автомобил. Снимките од дрон прикажуваат напуштени згради.
Марија дел Кармен Јанез, градоначалничка на Лобиос, чиј дел е Асередо, причината за ваквата состојба ја најде во недостигот од врнежи во последните месеци, особено во јануари, но и во „мошне агресивната експлоатација“ на португалската енергетска компанија ЕДП, која управува со резервоарот.
На 1 февруари, португалската влада нареди шест брани, вклучувајќи го и Алто Линдосо, практично да ја прекинат употребата на водата за производство на електрична енергија и наводнување, поради растечката суша. Прашањата за одржливоста на акумулациите не се нови. Минатата година, неколку шпански села се пожалија на тоа како електроиндустријата ги користи по брзото повлекување од езерото Ибердрола во западна Шпанија.
Податоците од шпанското министерство за животна средина покажуваат дека акумулациите во Шпанија се со 44 отсто од нивниот капацитет, многу под просекот од околу 61 отсто во последната деценија, но сепак над нивоата регистрирани при сушата во 2018 година.