По две години страв и неизвесност околу пандемијата на ковид-19, војната е нешто на што никој не се надеваше, а експертите велат дека во овие околности негативните чувства се нормална појава. Иако понекогаш изгледа како да им нема крај на проблемите и стресот, сепак, има начини да си помогнете себеси во тешките ситуации, но и на луѓето околу вас. Неколку експерти советуваат, за „Би-би-си“, како да се справите со секојдневните ситуации што не се нималку едноставни.

Како да си помогнете

– Сосема е нормално да се чувствува страв и вознемиреност за она што го гледаме дека се случува во една европска земја. Природно е да се биде вознемирен, немаше да бидеме луѓе да не сме – вели Алекс Бушил од организацијата за ментално здравје „Мајнд“.
Иако тоа не секогаш доведува до анксиозност, експертите се согласуваат на неколку клучни начини како да ја избегнете, а тие имплицираат добро да се храните, да прошетате, да го оставите телефонот, да се дружите со саканите и слично. Иако ова се мошне едноставни совети, тогаш кога сте под стрес може да биде корисно да ги спроведете. Една од клучните работи е да се држите подалеку од лошите работи некое време.
– Одете каде што можете во моментот, без разлика дали тоа е спорт или прошетка со вашето домашно милениче – тврди Бушил.
Вториот чекор е да се фокусирате на самодисциплина со техники за кои знаете дека можат да ви помогнат.
– Направете пауза за ручек или играјте фудбал со вашите пријатели – тврди тој.
Директорката на службата за поддршка „Шаут“, Сара Кендрик, признава дека е особено загрижена за младите луѓе што поголемиот дел од своето време го поминуваат на телефон и дека информациите им се достапни 24 часа дневно.
– Децата и младите секојдневно ја изразуваат својата загриженост за војната, а некои тврдат дека таа не им дозволува да заспијат навечер – вели таа.
За да се потисне изложеноста на анксиозност, Кендрик препорачува да го исклучите телефонот навечер и да се трудите да се држите настрана од вестите.
– Секогаш велиме, обидете се да запомните што можете да контролирате, а секако можете да го контролирате количеството медиуми низ кои сурфате и колку часови ќе спиете – вели таа.

Како можете да им помогнете на вашите деца

– Првото нешто што треба да се знае е дека избегнувањето на оваа тема може да предизвика дополнително чувство на страв кај децата – вели Ана Лемче, психолог и советник за деца во „Сејв д чилдрен“.
Професорката Вивијан Хил, од Британското психолошко друштво, препорачува да разговарате и да го приспособите разговорот на возраста на детето. На помладите, вели таа, едноставно може да им се покаже каде е Украина на мапата, за да разберат дека тоа се случува некаде далеку од нив. Обидете се да им дадете поконкретни информации на постарите, а таа тврди дека сте успеале кога ќе ги убедите.
– Обидете се да бидете колку што е можно пореални. Објаснете им дека во последниве години има војни низ светот што се далеку од нас и дека тие не влијаеле на вас, тоа е добар начин да им помогнете на децата да го разберат нивото на ризик со кое се соочуваат – вели таа.
Ако се загрижени за луѓето во Украина, таа предлага да разговарате со нив за тоа што прават за да се заштитат.
– Разговарајте со нив за тоа како повеќето луѓе се во засолништа од воздушни напади и подалеку од бомбите, или можете да им кажете како луѓето се преселуваат во други земји каде што е побезбедно – вели Хил.
Кендрик истакнува дека децата разбираат кога родителите се чувствуваат вознемирени, па затоа е важно возрасните да ја добијат потребната поддршка.
– Доколку самите сте многу вознемирени и вашето дете ви постави прашање, замолете го да го одложи разговорот за подоцна – вели таа.
Таа тврди дека, дури и да не ви се допаѓа, можете да најдете некој друг, партнерот или член на семејството, кој може подобро да се справи со тоа и кој би можел да ви помогне. Нормално е да се чувствуваме потресени по пандемијата, прашувајќи се кога ќе дојде периодот кога сѐ ќе се стабилизира.
– Советите што би им ги дала на децата се еднакво релевантни и за возрасните. Треба да се потрудите да заштедите време во кое ќе можете да се опуштите и накратко да избегате од грижите. Станува збор за сочувство кон сите, вклучувајќи ве и вас самите – тврди таа.

Како да им помогнете на другите

Помагањето на другите е еден од петте чекори препорачани од многу експерти за подобрување на нивното ментално здравје, но и на сопственото. Голем број добротворни организации започнаа апели, вклучувајќи ги и Британскиот црвен крст, Агенцијата за бегалци на УНХЦР и УНИЦЕФ, додека многу поединци низ светот сами собираат пари и донации.
Д-р Ема Хепберн вели дека гледањето на војната може да направи да се чувствувате надвор од контрола, а фокусирањето на начините на кои можете да му помогнете некому може да го реши тоа.
– Постојат многу докази дека правењето нешто добро за другите луѓе има корисен ефект врз нашето ментално здравје. Тогаш кога правиме некој друг да се чувствува добро и ние самите сме подобро расположени – тврди таа.
Со својата нова илустрација на Инстаграм, Хепберн се обиде да покаже како може да им се помогне на нападнатата земја и на нејзиниот народ, а наброја и различни страници преку кои можете да ја изразите својата поддршка или помош.
– Сите се најдовме да зборуваме за оваа војна со пријателите или семејството и има навистина голема причина за тоа, а најголемата е затоа што овие разговори се форма на утеха – вели Кендрик.
Исто така, истакнува дека има многу начини на кои можете да помогнете, како собирање донации, носење работи, храна и друго во центрите за бегалци.
Луѓето, тврди таа, може да се чувствуваат беспомошни пред војната или други настани што го засегаат светот, а со наоѓање решенија за тоа како да им се помогне на другите ќе создадеме чувство на удобност и задоволство.