Фото: Пиксабеј

Во ерата на брзиот живот и апликациите за дигитална испорака, нарачувањето храна никогаш не било полесно. Сè повеќе луѓе се потпираат на оваа погодност – ручекот или вечерата пристигнуваат за триесет минути по неколку кликања, често сè уште топли, спакувани во пластични садови. Без разлика дали станува збор за супа, тестенини, домашна или азиска храна, топлите оброци сѐ почесто се транспортираат во амбалажа што не е наменета за високи температури. Новото научно истражување предупредува дека оваа практика може да има сериозни здравствени последици – хемикалиите од пластиката се ослободуваат во храната, што ја менува цревната флора и го зголемува ризикот од срцеви заболувања.
Користењето пластични садови за испорака на храна би можело значително да го зголеми ризикот од срцев удар, предупредува новото кинеско истражување, а пренесува „Гардијан“. Истражувачите откриле дека хемикалиите ослободени од пластика го менуваат цревниот микробиом, предизвикувајќи воспаление што може да го оштети срцевиот мускул. Овие резултати дополнително ги потврдуваат зголемените докази за штетното влијание на пластиката врз здравјето на луѓето, особено кога кутиите се изложени на високи температури. Сепак, и покрај зголемените предупредувања од научниците, пластичната амбалажа останува доминантна во индустријата за брза храна, што значи дека милиони луѓе секојдневно доаѓаат во контакт со потенцијално опасни материи.
Пластиката може да содржи околу 20.000 различни хемикалии, вклучувајќи бисфенол А (BPA), фталати и пер- и полифлуороалкилни супстанции (PFAS), кои се поврзани со сериозни здравствени проблеми, вклучувајќи рак и репродуктивна штета.
– Податоците открија дека честото изложување на пластика е значително поврзано со зголемен ризик од конгестивна срцева слабост – пишуваат авторите.
Студијата покажува дека постојат сериозни здравствени ризици поврзани со употребата на пластични садови за испорака на храна, вклучувајќи и значително зголемен ризик од конгестивна срцева слабост. Авторите користеле пристап од два дела, прво испитувајќи ја фреквенцијата со која повеќе од 3.000 луѓе во Кина јаделе од пластични садови за носење, како и тоа и дали имаат срцеви заболувања. Тие потоа ги изложиле стаорците на пластични хемикалии во вода што била варена и истурена во контејнери за да се извлечат хемикалиите. Додека истражувачите во новиот труд не тестирале кои специфични хемикалии се испуштаат од пластиката, тие забележале врска помеѓу вообичаените пластични соединенија и срцевите заболувања, како и претходната врска помеѓу биомот на цревата и срцевите заболувања. Со анализа на цревниот микробиом на стаорци што консумирале вода контаминирана со хемикалии од пластика, истражувачите откриле значителни промени во составот на бактериите и метаболитите во цревата.
– Тоа покажа дека внесувањето филтрирана вода со хемикалии од пластика ја промени цревната микросредина, влијаеше на составот на цревниот микробиом и модифицирани цревни метаболити, особено оние поврзани со воспаление и оксидативен стрес – напишаа авторите.
По овие анализи, научниците го испитувале ткивото на срцевиот мускул на стаорците и откриле дека претрпеле оштетувања. Интересно е тоа што не се пронајдени значителни разлики во оштетувањето кај стаорци изложени на вода што биле во контакт со пластика една минута во споредба со оние што консумирале вода од пластика што стоела пет или петнаесет минути.