Фото: П.К. "Љуботен" - Тетово

Во рамките на програмата за 2025 година, Планинарскиот клуб Љуботен предвидува бројни активности и проекти, со особен акцент на меѓународните собири што традиционално се одржуваат на Шар Планина. Централно место меѓу нив зазема 43-тото искачување на нејзиниот највисок врв — Титов Врв, висок 2.747 метри

Неделава на падините на Шара се подготвува еден настан што ги надминува спортот и рекреацијата, како посебна културна и историска свеченост. Планинарскиот клуб Љуботен од Тетово го најави 43-тото традиционално искачување на Титов Врв (2. 747 м), кое ќе се одржи в недела.

Ова издание се истакнува со посебна убавина, бидејќи е во рамките на вековниот јубилеј од непрекинатото постоење на клубот.
Јубилејот 100 години ПК Љуботен е под државно покровителство на Претседателката на Републиката, проф. д-р Гордана Силјановска-Давкова.

Фото: П.К. “Љуботен” – Тетово

– Значењето на тој чин, го инспирира клубот на понатамошни успеси и сѐ поголеми проекти на полето на планинарството, планинскиот туризам, животната средина и образованието – истакнаа од организацијата.

Во рамките на програмата за 2025 година, Планинарскиот клуб Љуботен предвидува бројни активности и проекти, со особен акцент на меѓународните собири што традиционално се одржуваат на Шар Планина. Централно место меѓу нив зазема 43-тото искачување на нејзиниот највисок врв — Титов Врв, висок 2.747 метри.

-Ги поканувам сите вљубеници во природата да се приклучат на овој настан, а со тоа да направат нешто добро за сопственото здравје, сопствениот дух и развој и секако нешто добро за Шарскиот регион и природата – истакна претседателот на клубот, Јован Божиноски.

Тој додаде дека, заради одржување на висок степен на безбедност и организациска ефикасност, согласно насоките на Федерацијата на планинарски спортови, задолжително е претходно пријавување на сите учесници.

Во таа насока, за првпат, регистрацијата за учество е достапна и преку поднесување на онлајн форма, достапна на следниот линк: https://linktr.ee/pkljuboten, што отвора можности за организација на помасовен настан, достоен за вековниот јубилеј.
Програмата е дводневна, а започнува во сабота, 24 мај, со еколошка акција за чистење на Попова Шапка од 14 часот.

Во 15 часот, на платото пред хотелот „Арена Тетекс“ ќе се одржи базар со штандови од отворен карактер. Свеченото отворање ќе се одржи вечерта, во 19:00 часот, со пригодна програма по која ќе следат доделување на дипломи и координативен состанок на кој детално ќе се објаснат условите на идното искачување.

Централниот настан, искачувањето на Титов Врв, ќе започне в недела во 06:30 часот, од платото пред хотелот „Попова Шапка“.

Учесниците ќе се упатат по уредно обележаната Вакуфска патека, каде што ќе ги пречекаат пунктови за логистичка поддршка, а турата ќе биде поддржана и од медицински тимови подготвени да одговорат според потребите. Се препорачува носење на ужинка доволна за околу осум часа престој на планина, како и минимум еден литар вода – со можност за дополнување долж патеката. Очекуваното пристигнување на врвот е до 11 часот, а повратокот на Попова Шапка до 16 часот.

-По пристигнувањето, учесниците ќе бидат дочекани со вистинско планинарско гостољубие: топол чај, звуци на забавна музика, и отворени штандови со локални производи – срдечно порача Христина Коруновска.

Во рамки на настанот, ќе бидат отворени и две изложби: една со архивски фотографии што го документираат развојот на клубот и планинарството во регионот, и друга – изложба на цртежи од најмладите планинари, создадена во соработка со локални образовни установи. Двете ќе бидат поставени во хотелот „Арена Тетекс“, достапни за посетителите во текот на целиот ден.

-Да се искачи Титов Врв не значи само да се надмине географска височина, туку да се зачекори по патеката на спомените, љубовта кон планината и одговорноста кон идните генерации – подвлекоја од клубот.

Од првото меморијално искачување во далечната 1980 година, па сè до денес, Титов Врв стана сцена на сплотеност каде, во рамките на организацијата на клубот Љуботен, над 27.000 планинари го искачиле врвот.