Студии од Австралија, Франција и САД
„Здравата“ алтернатива на пијалаците полни со шеќер сега стана голем непријател – милиони луѓе што пијат диетални сокови несвесно го удвојуваат својот ризик од дијабетес, болест што значително го скратува животот, пишува магазинот „Сајенс“.
Револуционерна 14-годишна студија од Австралија ги урна темелите на диеталната култура, откривајќи дека една конзерва пијалак што се рекламира дека е „без шеќер“ – вклучувајќи различни „зеро“ газирани и енергетски сокови, пијалаци со засладувачи и протеински шејкови – дневно го зголемува ризикот од дијабетес тип 2 за 38 проценти. Тоа е значително повеќе од 23 проценти зголемен ризик што произлегува од обичните засладени сокови.
Истражувањето на Универзитетот „Монаш“ следело 36.608 возрасни лица и открило дека вештачките засладувачи можат да бидат метаболички поопасни од шеќерите што треба да ги заменат. Раководителот на истражувањето, професорот Пол Зимет, ги опиша наодите како „повик за будење и за потрошувачите и за здравствените власти“. Опсегот на студијата е без преседан – учесниците биле следени речиси 14 години, додека истражувачите внимателно бележеле обрасци на консумирање пијалаци и здравствени исходи, истовремено контролирајќи ги животните навики, дебелината и социоекономскиот статус.
Австралиските наоди не се изолирани случаи. Огромна француска студија со 105.588 учесници покажа дека оние што консумираат големи количества вештачки засладувачи имаат 69 проценти поголем ризик од дијабетес, додека американска студија забележа 67 проценти зголемен ризик кај оние што секојдневно пијат диетални сокови. Најдрастичниот наод доаѓа од 30-годишна студија, која покажа 129 проценти поголем ризик од дијабетес кај најинтензивните консументи на диетални пијалаци.
Механизмите на оваа парадоксална појава вклучуваат нарушен метаболизам на гликоза, изменета цревна микробиота и намалена чувствителност на инсулин. Вештачките засладувачи што се наоѓаат во пијалаците без шеќер, како аспартам, ацесулфам-К и сукролоза, предизвикуваат метаболичка дисфункција, која всушност поттикнува состојба што треба да се спречи. Ова истражување ги претвора диеталните сокови од наводно безгрешно задоволство во потенцијална метаболичка бомба со одложување.































