По петнаесетти јубилеен пат, изминатиов викенд, во селото Белица се одржа културно-туристичката манифестација „Белички средби“. Одбележувањето на овие средби мина во пријатна атмосфера збогатена со музички настапи, книжевни читања и промоција на групата „Медена долина“, која минатата година беше формирана од неколку жени, кои во регионот на Белица засејуваат медоносни растенија.
– Викендов во селото Белица, Кичевско, се одржаа традиционалните „Белички средби“, кои по петнаесетти јубилеен пат се реализираа во ова село. Средбите беа посетени од голем број локални жители, гости од Кичево и од други градови, а беа присутни и посетители што се родум од ова село што живеат и работат во странство. Оваа туристичко-културна манифестација беше збогатена со настапот на групата „Бели мугри“, КУД „Бисер“ од Кичево, младата пејачка Софија Илијоска и други. Средбите беа збогатени и со литературно читање на поети родум од ова село – истакна Роза Спироска, една од зачетниците на оваа манифестација, која го потенцираше присуството на членките на „Медена долина“.
– „Медена долина“ е група од пет жени, кои во текот на есента на повеќе неискористени ниви во селото Белица засеаја медоносни растенија, а оваа активност ќе се продолжи и во наредните години со засејување на нови неискористени површини. Овие растенија ќе бидат од огромна полза за производителите на природен мед бидејќи ќе ги зголемат приносите на квалитетен мед, што досега и не беше толку чест случај – додаде членката на групата Роза Спироска. З.А.