Фото: Пиксабеј

Освен што се грижиме за рецептите за специјалитети, за време на Нова година и Божиќ размислуваме и како ќе го украсиме домот за да бидеме во празнично расположение. Тоа може да биде проблем за оние што имаат домашни миленици, бидејќи некои новогодишни украси може да претставуваат опасност за нив.
Ветеринарката Ребека Мекмилан за „Дејли мејл“ издвоила неколку вообичаени божиќни предмети што можат да бидат многу штетни за кучињата и мачките.

Елка
При изборот помеѓу природни и вештачки новогодишни елки, многу луѓе мислат дека природното дрво е подобар избор. Сепак, д-р Мекмилан предупредува дека вистинските новогодишни елки можат да претставуваат сериозен ризик за домашните миленици.
– Вештачките новогодишни елки се побезбедни од природните. Природните дрвја фрлаат иглички што можат да се заглават во шепите или во устата на миленичето. Исто така смолата на дрвото може да предизвика проблеми ако се лиже – вели таа.

Декоративни ленти
Шарените украсни ленти можат да бидат сериозен проблем, особено за мачките. Мачките сакаат да ги џвакаат таквите украси, а нивното голтање може да предизвика сериозни дигестивни проблеми.
Наместо традиционални ленти, д-р Мекмилан препорачува да се изберат цврсти ткаени украси што имитираат изглед на лента, но се побезбедни за домашни миленици. Ако имате мачка, избегнувајте украсни ленти, кои се многу привлечни за домашните миленици.

Вештачки снег
Друг опасен тренд во новогодишните украси е вештачкиот снег што се користи за украсување на новогодишните елки.
– Вештачкиот снег може да предизвика проблеми во варењето кај домашните миленици, а поголеми количества може да предизвикаат блокада на цревата – објаснува експертката.
Редовното чистење со правосмукалка околу дрвото може да помогне да се спречи голтање иглички или вештачки снег. Никогаш не оставајте ги миленичињата без надзор околу елката.

Лампиони и украси
Иако божиќните лампиони се убави, тие можат да бидат многу опасни за домашните миленици. Стаклените лампиони може да се скршат, а острите парчиња може да го повредат вашето домашно милениче.
Ако вашето домашно милениче проголта дел од декорацијата, тоа може да предизвика сериозни дигестивни проблеми.
Д-р Мекмилан советува да користите пластични лампиони. Исто така, погрижете се сите украси да бидат недостапни за домашни миленици и да не се оставаат без надзор.

Божиќни растенија и мириси
Некои традиционални божиќни растенија, како што се имела и божиќно цвеќе, се отровни за домашните миленици. Исто така, многу мириси што се користат за создавање божиќна атмосфера можат да бидат штетни за животните, особено ако се користи синтетичко масло за дифузерот.
– Секогаш проверувајте го пакувањето на производот за да бидете сигурни дека нешто е безбедно за домашни миленици – советува д-р Мекмилан.