Фото: М.М.

Некои рекле дека со смртта на луѓето, умираат и сеќавањата за нив. Но времето на заборавот не е исто за сите. За некои сеќавањата избледуваат уште истиот миг, за други траат извесно време, а за човекот како Ајри Демировски траат цело време. Тоа е така, затоа што таквите луѓе, едноставно, не умираат. Тие живеат вечно и по смртта.
Дека тоа е така се потврди синоќа за време на премиерното прикажување на докумнтарниот филм за Ајри Демировски, во киното Манаки на Широк сокак, кој беше прикажан во рамките на оф-програмата на битолското културно лето „Битфест 2022“. Посетеноста и емоциите кои ги искажаа присутните на проекцијата на филмот беа најдобра потврда дека битолчани, и 12 години години по неговата смрт, сѐ уште не го заборавиле Ајри и дека го почитуваат неговото антологиско дело.
Премиерното прикажување на филмот беше збогатено со настапот на битолските пеачи, Маргарита Христова, Билјана Дамјановска, Велчо Петровски и Сефедин Бајрамов кои испеаја песни од Ајри и за Ајри.
За творечкиот опус на Ајри Демировски покрај бројните документарни документи и филмски стории зборуваа и новинарот и фоторепортерот Петар Ставрев, познатиот текстописец автор на песната „Снагата ми е во Станбола- Душата во Битола“, Валентин Соклевски, познатиот битолски кант автор Велчо Петровски, пејачите Сефедин Бајрамов, Анета Мицевска, Тони Петровски, новинарот на МИА и човекот кој предложи Ајри Демировски да го добие признанието прв почесен граганин на Битола, Мајран Танушевски.
Гледајќи го документарецот, за Ајри, кој го подготви и режираше Менде Младенновски, во киното Манаки падна и по некоја солза, како кај соговорниците, кои во филмот зборуваа за него, така и на тие што го следеа овој настан, кој побуди многу носталгија, емоции и сеќавања за човекот кој со песната „Битола мој роден крај“ ја направи Битола вечна, но кој, исто така, себеси се запиша во листата на вечните.
Инаку творечкиот опус на Ајри Демировски, според исказите на самиот автор, се состои од околу 80 песни. Најголемиот број од нив имаат антологиско значење, а интересно е да се знае дека токму тие долги години биле „безимени“ и се пееле како народни, без да знаат дека нив ги напишал токму Ајри.
Тука, покрај антологиската песна Битола мој оден крај, која официјално е прогласена не само песна на векот, туку и химна на градот Битола, би ги спомнале:
1.Збогум мајко
2. За кого ти цути Дано лицето
3. Со Битола се гордеам
4. Сва ноќ ле Надо
5. Покрај битолските касарни
6. Доне, Донке
7. Саноќ седам Трено
8. Болен лежи млад Стојан
9. Македонијо
10. Мариче ле лично девојче
11. Доста, доста лично ле Стојне
12. Немој ме мила мамо луто да колниш
13. Мори моме малој моме
14. Каде си тргнала Јано
15. Таму ле мајко близу Битола
16. Чујте ме мили земјаци
17. Сношти те Маре сонував
18. Магдо мори Магдалено
19. Ми се излага Џемиле
20. Сношти јас те чекав Маре
21. Ајде станав се оженив

Ајри иако после 1955 година, кога како и голем број Турци ја напушти Битола , живееше во Турција, тој честопати знаеше да каже: „Снагата ми е во Турција, душата во Битола“, зборови кои беа инспирација композиторот Валентин Соклевски да ја напише најубавата песна за Ајри, што ја испеа Сефедин Бајрамов.
– Ајри Демировски беше талентиран музичар. Тој внесе нов звук во македонскиот мелос. Тој е расен поет, кој од лирски текст правеше потресна драма. Демировски даде многу за Битола, но и Битола му возврати соодветно. Го прогласи за прв почесен граѓанин – вели професорот Александар Стерјовски.
Со неговите зборови би се согласиле битолчани, кои за големиот музичар имаат само убави зборови.
-Ајри е човекот што со едноставни ноти и со многу едноставни зборови го кажа вистинското и правото. Зошто? Затоа што беше искрен и затоа што вистински тоа го чувствуваше. Ајри Демировски беше со духот по Широк Сокак, Саат кулата, реката Драгор, Пелистер. Тој беше насекаде,нагласува позната битолска и македонска пеачка Виолета Томовска.
Ајри Демировски со одлука на Советот на Битола во 2007 година е прогласен за прв почесен грагани на Битола, во наредната 2008 година стана добитник на најпрестижното признание на Битолски весник, во Манифестацијата „Избираме најуспешни битолчани“ личност на векот.
Демировски почина на 22 октомври 2010 година, на 83- годишна возраст.
Во знак на благодарност за се што тој направи за Битола, по смртта на Ајри во градот Измир, Турција на иницијатива на Битолски весник со средства на Општината Битола му е изграден споменик на кој е поставена книга со песната „Битола мој роден крај“ напишана на македонски и турски јазик.
М.М.