Постер

Премиерна изведба на песната „Збогум младост моја“, по текст и музика на Александар Прокопиев, а во изведба на Бранислав Николов, Гоце Јованоски и Александар Прокопиев, ќе се случи во вторник, 21 октомври, во 20 часот во Културно информативен центар – Скопје.

Настанот е замислен како мини-концерт на кој, покрај оваа, ќе бидат изведени и неколку песни од „Пијан Славеј“ и неколку нумери од проектот „Реобмислување“.

„Збогум младост моја“ е посветeна на Влада Дивљан, фронтменот на групата „Идоли“, со кого Александар Прокопиев свирел заедно во неговата белградска фаза. Песната дури е изведена, во 1980-те, на живи свирки во Белград, а сега, со македонски текст, повторно е снимена во Скопје, во студиото „Алшар“, а во издание на „Прозарт медиа“.

– Во 1972 година јас бев студент на компаративна кнмижевност и живеев како потстанар кај семејството Галиќ, во Белград. За среќа, освен што беа прекрасни луѓе, со кои убаво се сложував, имаа многу добро пијано. Во тоа време јас необврзано настапував со некои белградски групи, и често на пијаното, на задоволство на домаќините, музицирав. Синот на Галиќи се викаше Владо, и беше најдобар гимназиски другар со Влада Дивљан. И нормално, дојдоа таму, Влада веќе свиреше гитара, и така почна нашето долготрајно пријателство. Веќе во јануари 1973 година формиравме група која се викаше „Мерлин“, а во која настапуваа маалскиот другар на Влада, Зденко Колар на бас-гитара, и мојот маалски другар, Никола Поповиќ на тапани. И така почна една долготрајна музичко -другарска авантура, кога името на составот постојано се менуваше. Почнавме како „Мерлин“, па „Звук улице“, и станавме прилично познати во Белград. Правевме интересни текстови и композиции, но некаде кон крајот на 1979 година јас продолжив со мојата книжевност, а тие станаа многу познати како „Идоли“ – се сеќава Александар Прокопиев.

Од тоа прекрасно искуство остана неговото другарството со Влада Дивљан, кое наспроти сите животни пресвртници и случувања, траеше сѐ до прерано заминување на познатиот музичар, на 4 март 2015 година.

– Неколку месеци пред да почине Влада Дивљан дојде во Скопје да ја прими наградата „Златна Бубамара на популарноста за трајни музички вредности“. Токму тогаш се сретнавме и свиревме малку заедно, како во старите добри денови. По неколку години во едно скопско кафуле кантавторот Џина Папас Џокси ми покажа фотографии од таа наша последна средба со Влада. Потоа се одеше многу брзо и со некој убав ксмет. Се сетив на една моја композиција која Влада многу ја сакаше и имаше намера да ја снимиме, за што разговаравме и на нашата последна средба во Скопје, но тоа остана како идеја. Кога по средбата со Џокси си дојдов дома и почнав да ја свирам видов дека композицијата убаво „ми легна“. Потоа се редеа убави работи – мојот другар Дејан Трајкоски дојде кај мене дома, ја слушна песната, и веднаш ја сними на својот мобилен телефон. Веднаш му ја пративме на Гоце Јованоски, кому исто така му се допадна и многу брзо направи извонреден аранжман. Со извонредниот глас на Бранислав Николов, таа песна стара четириесет години повторно оживеа. Интересно е што насловот „Збогум младост моја“ се совпадна со заминувањето на Влада, но од друга страна сведочи за доживотното траење на другарството со една ретка и богата личност – раскажува Александар Прокопиев.