Периферната артериска болест (ПАБ) претставува стеснување на периферните артерии што носат крв од срцето до други делови од телото. Најчестиот тип е периферна артериска болест на долните екстремитети, при кој е намален протокот на крв кон нозете и стапалата. ПАБ на горните екстремитети (раце и прсти) е поретко, но се јавува кај околу 10 проценти од популацијата. Стеснувањето на артериите настанува со акумулација на масни наслаги (масти и холестерол) во артериите на вашите нозе или раце. Оваа состојба отежнува крвта да носи кислород и хранливи материи до ткивата во тие области.
Ризик-фактори
Ризик-факторите за периферната артериска болест (ПАБ) се идентични со оние во етиологијата на коронарната артериска болест. Тие ги вклучуваат традиционалните фактори на ризик: пушење, дислипидемија, дијабетес и артериска хипертензија.
Пушењето се јавува како најзначаен ризик-фактор за ПАБ. Речиси сите пациенти со клаудикација се пушачи, а прекинот на пушењето е поврзан со рапиден пад на инциденцата на симптомите.
Дијабетесот е значаен фактор на ризик за појавата на ПАБ, а особено за напреднатите форми.
Повеќе студии зборуваат за поврзаноста на артериската хипертензија со вредноста на глуждно-надлактниот индекс (АБИ) при дефинирањето на ПАБ, како и со соодветната симптоматологија.
Вредноста на вкупниот холестерол, ЛДЛ-холестеролот, како и нон ХДЛ-холестеролот, е независно поврзана со појавата на ПАБ.
Последните години одредени студии зборуваат за поврзаноста на инфламаторните и хемостатските фактори, како фибриногенот и високоспецифичниот Ц-реактивен протеин со инциденцата и преваленцата на ПАБ
Клиничка слика
Многу од пациентите најпрво се асимптоматски. Тие се градуиарат во 1 стадиум по класификацијата на Фонтејн (Fontain). Најтипичен симптом за оваа болест е интермитентната клаудикација, која се карактеризира со болка во нозете, а се појавува при движење и се интензивира со зголемувањето на движечката дистанца. Таа болка исчезнува со одмор. Движечката дистанца, поголема од 200 м, го карактеризира 2А стадиум Фонтејн, а помалата од 200 м – 2Б стадиумот. Во напреднатите стадиуми (Фонтејн 3) е присутна болка во мир. Таа е локализирана најчесто во стапалото, каде што пациентот чувствува постојан студ. Улкусите и гангрената (Фонтејн 4), кои започнуваат во прстите и во дисталните делови на екстремитетот, се јавуваат по траума и обично се поврзани со локална инфекција или инфламација.
Освен болката во нозете, се јавува и промена на температурата на стапалата и потколениците (ладни нозе, промени на бојата на кожата (ливидно пребоени), промени на ноктите и влакната на нозете (намалена влакнавост и неквалитетни нокти), чести рани на потколениците, кои бавно зараснуваат.
Дијагноза
Добрата анамнеза и физикалниот преглед на екстремитетите се дел од системскиот пристап кон пациентот. Тој опфаќа: мерење притисоци на обете раце, палпација на феморалните, поплитеалните, дорзалните педални и постериорните тибијални артерии. Стапалата и потколениците треба да се подложат на инспекција, а се бележат: колоритетот, температурата и интегритетот на кожата, вклучувајќи ги постојните промени на кожата, губитокот на влакнавоста и појавата на улкуси.
Иницијален дијагностички тест за скрининг и дијагноза на ПАБ е мерењето на глуждно-надлактниот индекс или АБИ. Вредноста под 0,9 или над 1,4 ја дефинира ПАБ (калцифирани артерии, особено кај дијабетес).
Прва линија на сликовен метод за дијагноза на ПАБ претставува ултразвук колор доплер сонографијата на артериите, со која се проценува протокот на крв низ артериите, се визуализираат локализациите каде што има стеснување или опструкција на луменот на артеријата, се проценува степенот на стеноза, се следи болеста по ангиопластика, стентирање или бајпас-хирургија итн.
Најпрецизна дијагноза се поставува со компјутеризирана томографија (КТ) со ангиографија. Со помош на овој метод се поставува дефинитивна дијагноза и се врши точна процена за промените на артериите, стеснувањата или опструкциите на протокот, со што се проценува и потребата од типот на лекување и индикација за одредена процедура за третман на болните артерии.
Третман
Конзервативен: престанок со пушење, регулација на вредностите на масти во крвта (статини), регулација на гликемија, регулација на хипертензија (AKE-инхибитори, АР-блокатори, здрава исхрана, супервизирана физичка активност, минимум трипати неделно, по 30 минути).
Медикаментозен: употреба на соодветни лекови за третирање на ризик-факторите и постигнување на целните вредности на крвен притисок, масти и гликемија. Употреба на ацетилсалицилна киселина (75-160 мг) или клопидогрел 75 мг се препорачува кај сите пациенти со симптоматска ПАБ. Новитет во однос на медикаментозниот третман е третманот ривароксабан 2 х 2,5 мг, кој треба да се употреби кај пациенти со висок исхемичен ризик и низок ризик за крвавење.
Интервентен (ангиопластика): балон-дилатација или стентирање на местото на стеноза на артеријата, со што повторно се овозможува нормален проток на крв низ артеријата.
Хируршки: бајпас-премостување на стенозата или опструкцијата на артеријата, или локална ендартеректомија на тромботичен материјал.
Ендоваскуларните интервенции и хирургија не се препорачуваат кај асимптоматски пациенти.
Автор: асс. д-р Ивица Бојовски, кардиолог