Специјално за Нова Македонија од Париз Константин Плевнеш.
Тоа мартовско утро во оваа пролет 2025, по ноќната голема трагедија во македонскиот град Кочани, тивко влеговме со Мари да запалиме свеќа во Богородичната црква во Париз.
И сите младичи и девојки кои во неколку минути заминаа во Вечниот живот на небото и сите кои сеуште се борат по болниците во својата родна Македонија и низ повеќе европски земји, ни се појавија пред очите и пред солзите. И се случи Големо интимно откровение, пред олтарот на црквата која со истоимениот роман на Виктор Иго
стана Црква на светот и која неодамна гореше и самата во пламените јазици,
се појавија 59 виртуелни рози кои прелетаа од Македонија.
Како да расцутеа солзите на сите родители и најблиски познати и непознати
и како да одекнаа од витражите и очите на светците од светите скулптури
безвремени стихови во гласовите на двајца светски поети како говорат од светите ѕидови на Црквата.
Едниот е нашиот бесмртен Кочо Рацин кој велеше „Песната е молитва за Македонија и огледало на нејзината душа“; и другиот ирски поетски гениј Вилијам Батлер Јејтс
кој во својата позната песна „Розата на светот“ вели „ако сите стари религии на светот се ливчиња на Розата, тогаш Розата на Светот е секое цвеќе“ на нашата љубов која цути во Бескрајот!
Нека цутат во Розата на светот и сите свеќи од Македонија во сите религии
и по сите трагедии и на сите меридијани!
Во таинственото кандило од свеќата до утрините во Нотр Дам – Париз, останавме да гледаме во сјајот на Вечоста отсликан во 59 по две засекогаш незабороавни очи на бескрајната младост … во ангелски свет!