фото: пиксабеј

Пластиката е насекаде околу нас и затоа треба да се знае повеќе за тоа што се купува и користи секој ден и колку е безбедно за човековото здравје.

Секој вид пластика содржи хемикалии што можат да бидат штетни за здравјето – некои помалку, некои повеќе, па потрошувачот треба да знае од каква пластика е направен производот. На многу производи овој податок е истакнат како букви или бројки поставени во триаголник, што укажува дека пластиката може да се рециклира. Ова се најчестите ознаки.

1. „ПЕТ“ или „ПЕТЕ“ (PET / PETE)

Овој вид пластика е меѓу најчесто користените во производството за масовна потрошувачка. Повеќето шишиња со вода и газирани сокови и некои други пакувања се направени од оваа пластика. „ПЕТ“-производите треба да се користат само еднаш, бидејќи повторната употреба ја зголемува опасноста од бактерии. Покрај тоа, оваа пластика може да ослободи тешки метали и хемикалии кои влијаат на рамнотежата на хормоните.

– Амбалажата во којашто се полни вода („ПЕТ“) е за еднократна употреба и треба да се третира како таква, бидејќи повеќекратната употреба го оштетува пакувањето, што го зголемува движењето на штетни материи и доведува до микробиолошка контаминација, предупредува Лидија Барушиќ од Лабораторијата за производи за широка потрошувачка во Едукативниот институт за јавно здравје „Д-р Андрија Штампар“ во Хрватска.

2. „ХДП“ или „ХДПЕ“ (HDP / HDPE)

Од оваа цврста пластика се направени пакувања и шишиња за млеко, масло, течни детергенти, играчки и некои пластични кеси. Со оглед на тоа дека не испушта речиси никакви хемикалии, безбедна е за употреба, па некои стручњаци советуваат и водата да се продава во вакви шишиња.

3. „ПВЦ“ или „3В” (PVC / 3V)

Од овој вид пластика се прави проѕирен целофан, шишиња со масло, пластични играчки за бебиња и деца, лекови и многу други производи. Тој ослободува две токсични хемикалии коишто влијаат на хормоните во телото. Препораките говорат да купите алтернативен производ доколку може да се најде.

4. ЛДПЕ (LDPE)

Иако не испушта никакви хемикалии во водата, овој вид пластика не може да се користи во производството на шишиња. Исто така, не се препорачува да се купува храна во пакувања од оваа пластика бидејќи може да се внесат повеќе опасни хемикалии.

5. ПП (РР)

Од оваа бела или полупроѕирна пластика се направени чаши за јогурт и сируп. ПП-пластиката е силна и отпорна на светлина и топлина, па ако се загрее, нема да се стопи и е релативно безбедна за употреба. Исто така, ова е добар изолатор против влага, маснотии и хемикалии.

6. ПЦ (РС)

Ова е најопасниот вид пластика, но се користи за амбалажи за спортски напитоци и храна. Во рамки на оваа категорија, не постои стандардизација на неговата повторна употреба и рециклирање. Со оваа пластика, постои висок ризик од истекување на хемикалии во храната и пијалаците, особено ако бил користен „бисфенол А“ во производството на пластиката.

– Технологиите за преработка и производство на пластични материјали постојано се усовршуваат, но за жал, движењето на супстанциите е сè уште присутно и неопходно е да се одржуваат под постојан надзор, како со систематски пазарни контроли од надлежните органи, така и од одговорно постапување на корисниците, за да се намали опасноста на минимум, појасни Барушиќ.

7. ПС (РЅ)

Полистиренот е евтин, лесен вид пластика со широк спектар на намени. Најмногу се користи во производството на амбалажи за храна и пијалаци, кутии за јајца и пластичен прибор за јадење. Треба да се внимава со него, бидејќи испушта канцерогени материи кога се загрева и не треба да се користи за долгорочно складирање храна или пијалоци, вели Барушиќ.