Фото: Томислав Георгиев

Донаторскиот фонд на „Конект“ прибира донации од граѓани и бизниси за справување со последиците кај засегнатите сограѓани од пожарот во дискотеката во Кочани. Досега, од поставената кампања на интернет-платформата за групно донирање Оп-оп, се прибрани 119.000 денари од граѓаните. Во овој период, сите се солидаризираат со потреба да им дадеме помош и поддршка на семејствата на загинатите и повредените од пожарот што изби во дискотеката во Кочани и им го одзеде животот на најмалку 59 лица, меѓу кои деца, а повреди над 155 сограѓани од Кочани, Штип, Берово, Виница, Пробиштип, Струмица, Скопје и пошироко. Здружението „Конект“ во рамките на донаторскиот фонд отвори линија за поддршка на семејствата на загинатите и засегнатите од пожарот во дискотеката во Кочани.
– Фондот и Оп-оп работат по високи стандарди на сигурност и отчетност. Во зависност од големината на прибраните донации и анализата на потребите ќе се димензионира и обемот на поддршка што ќе се реализира во соработка со локални граѓански организации. Собраните средства ќе бидат наменети за итните потреби за кои нема тековни извори на финансирање (лекување, правна помош, патување и сл.); психосоцијална поддршка од стручни лица за справување со траумата (за семејства, ученици, студенти, младински заедници, наставници); мерки за справување со последиците во пошироките заедници – велат од платформата.
На платформата за групно донирање Оп-оп е поставена кампања каде што граѓаните и компаниите можат брзо, лесно и безбедно да ја дадат поддршката со употреба на банкарски картички од земјата, но и директно од странство.
– Ќе бидат потребни многу ресурси, време и соработка на сите чинители за да се лекуваат последиците на оваа колективна траума. Граѓанските организации имаат важна улога во ублажување на последиците, кои дополнително ќе се почувствуваат. Ги повикуваме граѓаните и компаниите да ја покажат солидарноста на дело и да донираат – изјави Виктор Мирчевски, програмски директор во „Конект“, организација што 17 години работи во полето на филантропијата и општествената одговорност.