Со свечена церемонија е отворен нов Младински центар во Македонски Брод. Овој значаен настан се одржа во самиот центар, сместен на ул. Партизанска бр. 22, до СОУ „Св. Наум Охридски“. Со настанот симболично се одбележа 12 август – Меѓународниот ден на младите, а со отворањето на овој центар, младите во Македонски Брод добија нов, безбеден и инспиративен простор за собирање, учење, забава и за развој. Младинскиот центар ќе нуди различни активности и програми што ќе ги поттикнуваат младите луѓе да се вклучат во заедницата и да го развиваат својот потенцијал на лично и професионално ниво.
Свеченото отворање беше одбележано со поздравни говори на официјални
претставници од организаторите. Настанот го отвори градоначалникот на Општина Македонски Брод, Жарко Ристески.
– Македонски Брод е една од ретките помали општини што го прифати предизвикот да отвори Младински центар и да покаже активно залагање за своите млади за тие да го добијат својот простор – рече Ристески.
Драгана Митровиќ, генерална секретарка на Сојузот за младинска работа, изрази голема благодарност до сите што овозможија да се отвори Младинскиот центар и посочи на функцијата на Младинскиот центар.
– Ова е место на младите, а ние ќе направиме сѐ што можеме да ги поддржиме на најдобар начин и да одговориме на нивните потреби и иницијативи – рече таа.
Свое обраќање имаше и Елена Крстеска Ангелова, координаторка и младинска работничка на Младинскиот центар. Таа сподели информации за планираните активности со програмата за следниот период, подготвена врз основа на претходно истражување на потребите и интересите на младите, и упати покана до сите млади да се вклучуваат со свои идеи и иницијативи.
По официјалниот дел, присутните имаа можност веднаш да се вклучат и да учествуваат во изборот на лого на Младинскиот центар, анкета што ќе продолжи онлајн, за младите од Македонски Брод да го изразат своето мислење. Потоа, присутните млади учествуваа на работилница поврзана со кратко запознавање со правата на младите, кои се регулирани со Законот за младинско учество и младински политики и со фокус на нивните очекувања од Младинскиот центар и младинскиот работник.
Младински центар – Македонски Брод е деветтиот по ред во земјава, отворен во согласност со Законот за младинско учество и младински политики. Овој центар
претставува значителна инвестиција во идната генерација и е доказ за посветеноста на локалната заедница кон развојот на младите. Младинскиот центар ќе биде управуван од Сојузот за младинска работа, кој ќе ги координира активностите и програмите наменети за младите во општината. Со овој центар, СМР продолжува со својата мисија да им обезбеди на младите можности за квалитетен раст и развој, како и простор каде што ќе можат да ги изразат своите идеи и креативност.