Фото: Зоран Трбовиќ / Дизајн: Никола Пузигаќа

Дина Јашари, „Љубичице“, „Артан Лили“… го чекаат наследникот на наградата „Милан Младеновиќ“ за 2024 година

Фондацијата на Милан Младеновиќ отвори конкурс за наградата „Милан Младеновиќ“ за 2024 година. Под слоганот „Пријави ја твојата песна“, конкурсот е отворен до 31 мај 2024 година.

Право да се пријават за наградата имаат автори и изведувачи од сите земји на поранешна Југославија, со песна и со текст на еден од јазиците што се зборуваат во државите – поранешни југословенски републики, вклучувајќи ги и јазиците на малцинствата.

Песните кои аплицираат за наградата треба да бидат објавени од 1.6.2023 до 31.5.2024 година.

– Апликациите може да ги поднесат авторите, изведувачите или издавачите користејќи го формуларот достапен на веб-страницата на фондацијата: www.milanmladenovic.com.

Наградата „Милан Младеновиќ“ е основана со цел да се поттикне музичкото творештво кое се карактеризира со вредностите својствени на уметничкото наследство на Милан, а се доделува за најдобра песна од поранешна Југославија на церемонијата на 21 септември – роденденот на Милан.

Меѓу лауреатите на оваа престижна награда пред две години се најде и македонската пејачка Дина Јашари, па оттаму Конкурсот последниве години со нетрпение го очекуваат сите кои се дел од македонската музичка сцена.

За победникот на наградата „Милан Младеновиќ 2024“ одлучува регионално жири составено од Ања Рупел (Словенија), Дубравко Јагатиќ (Хрватска), Макс Јуричиќ (Хрватска), Никола Врањковиќ (Србија) и Светлана Ѓоловиќ (Србија).

Стручното жири прво ќе избере 12 финалисти, чии песни ќе бидат објавени на промотивна компилација во продукција на Фондацијата „Милан Младеновиќ“, а добитниците на годинашното признание ќе бидат наградени и со парични награди, во износ од 3.000 евра. Фондацијата „Милан Младеновиќ“ воспостави долгорочна соработка со фестивалот „Егзит“, а добитникот на наградата автоматски ќе биде вклучен меѓу изведувачите на годинашното издание.

Награда ќе добие и најиновативниот тапанар, како и највпечатливиот вокалист, а годинава за прв пат ќе биде доделена и наградата за најдобар текст.

Освен формуларот за апликација, на веб-страница на Фондацијата е достапна и комплетна документација во врска со условите на конкурсот и правилата за доделување на наградата.

Дина Јашари, „Љубичице“, „Артан Лили“… го чекаат наследникот на наградата „Милан Младеновиќ“ за 2024 година.