На почетоците од вашето патување и стремежот да станете безбеден возач ќе правите многу грешки. Во ова долгорочно патување ќе имате позитивни моменти кога ќе се радувате на достигнатиот успех, но и негативни кој ќе ве соочат со неуспехот и ќе ве приземјат.
Грешките се дел од едукацијата и не треба да ве оптоваруваат или да ги попречуваат вашите соништа. Во оваа ситуација додека ја читате оваа статија претпоставуваме дека вашиот сон е успешно да управувате со моторно возило.
Доколку грешките што ги правите ги прифаќате многу емотивно и ви претставуваат психички товар, треба да знаете дека дури и најискусните возачи прават грешки. Нека ова информација ви даде чувство на олеснување и ослободување од стресот. Стресот го попречува вашиот напредок и нема да ви донесе ништо добро. Додека пак грешката која ќе ја увидите, станува лекција. Сите лекции кои ќе ги совладате во избраната автошкола, нека ви бидат постојано на ум.
Сигурно уште на почетокот во избраната автошкола сте запознаени со фактот дека возењето не е само едноставно управување со моторно возило, тоа е насочено внимание, голема одговорност и перфектна прецизност. Одговорноста е особина која треба да ја носите со себе уште на самите почетоци, насоченото внимание се вежба во текот на возењето кога ја сфаќате тежината на улогата возач, а прецизноста ја градат грешките кои ненамерно или намерно ќе ги направите за да се усовршите до ниво на перфекција.
Во оваа статија ќе ве воведеме во најчестите грешки на возачите и ќе ви дадеме кратки совети како да ги избегнете оние грешки кои може да го доведат вашиот живот во опасност, ги загрозуваат животите на другите учесници и го нарушуваат јавниот ред и мир.
Прекумерна брзина
Со надминување на ограничувањето за брзина не само што го загрозувате вашиот живот, туку ги изложувате на ризик и другите.
Треба да ја знаете важноста на ограничувањата за брзина и да ги пратите знаците на патот кои се менуваат во различни области. Ограничувањата се одредби од законот кои се предвидени за одредени патишта, локации и состојбата на истите.
Почитувајте ги и придржувајте се кон овие законски регулативи бидејќи тие се поставени со причина. Главната причина е да ве предупредат за состојбата и условите на патот, видливоста и другите услови врз кои се поставени.
Запомнете дека возењето во рамките на дозволената брзина не само што спасува животи, туку ја намалува потрошувачката на гориво и го минимизира трошењето на вашето возило.
Расеано возење
Во денешно време кога технолошкиот развој е на високо ниво, а случувањата на патиштата се одвиваат со брзо темпо, расеаното возење е многу застапено. Сигурно ви се има случено и вам или пак сте биле сведок на расеано возење предизвикано од паметните телефони и системите за забава во автомобилот.
Доколку сакате да бидете безбеден возач и да ја усовршите умешноста во возењето не треба да дозволите, било која алатка да ви го одземе вниманието од патот. Вашата умешност која треба непрестано да напредува ја занемарувате, обрнувајќи внимание на непотрбни и опасни активности.
На патиштата секоја секунда носи нови можности да се научи нешто ново, но и истата таа секунда може да донесе катастрофални последици, доколку го тргнете погледот од патот.
Одржување растојание
Доколу растојанието помеѓу вашето возило и возилото пред вас е многу кратко, го намалувате времето на реакција при ненадејни ситуации во кои може да се затекнете.
Затоа е важно вашето внимание да е насочено на патот и околината. Следете ја секоја промена за да ги предвидите движењата на другите, да бидете свесни за случувањата на патот.
Воочете ја брзината со која се движи возилото пред вас и според тоа приспособувајте ја вашата брзина и растојание. Секогаш останете свесни и за ситуацијата зад вас со често погледнување на ретровизорите.
Ова сигурно сте го дискутирале со инструкторот во избраната автошкола но добро е да се потсетувате и да го почитувајте го правилото од три секунди, во нормални услови. Одржувајте безбедно растојание од автомобилот пред вас. Во неповолни временски услови ова растојание треба да се зголеми во зависност од влијанијата.
Игнорирање на знаците и сигналите
Од суштинско значење е да знаете дека сообраќајните знаци и сигнали не се предлози, туку темелни упатства за безбедно возење.
Непочитувањето на знаците, на пример знакот стоп, игнорирањето на црвеното светло на семафорот или не давањето на првенство на минување може да доведе до сериозни несреќи и правни последици.
За да обезбедите непречено одвивање на сообраќајот, да спречите потенцијални судири и да ја загарантирате безбедноста треба да ги почитувате сообраќајните закони и сигнали.
Неправилна комуникација
Сигнализирањето на вашите намери е клучно за успешна комуникација со другите возачи на патот. Без разлика кој ќе биде вашиот следен потег, дали менувате лента, се приклучувате или се свртувате, користете ги вашите сигнални индикатори однапред.
Исто така, важно е и вие да ги пратите сигналите на другите возила и да не им го попречувате патот, сѐ со цел да овозможите непрекинат тек на сообраќајот.
Со навремено користење на сигнализацијата ги предупредувате другите за вашите намери и развивате култура на почит и безбедност. Со оваа едноставна, но ефикасна практика промовирате предвидливост и го намалувате ризикот од несреќи.
Нередовно одржување
Редовното одржување на возилото е важен чекор за побезбеден транспорт. Со одржувањето на возилото во определените рокови вие ги задржувате перформансите и го следите трошењето на деловите.
Ако ги занемарувате обврските како што се проверката на притисокот во гумите, замената на истрошените сопирачки или игнорирањето на предупредувачките светла на контролната табла, може да ги саботирате знаците кои ви ги дава возилото, а со тоа ја зголемувате веројатноста од несреќи.
Важно е да ги пратите знаците на автомобилот, тоа најчесто се звуци на тропање, гребење или пак чад.
Како што веќе сигурно ве советувале инструкторите во автошколата и пред самостојното возење, еве еден потсетник дека мора да стекнете навики да закажувате рутински проверки за да го одржите вашето возило во врвна состојба. Најчесто возилото се носи на рутинска проверка на 6 месеци, каде што овластените сервисери ги проверуваат моториките, нивоата на течности, го менуваат маслото и ги менуваат филтрите.
Возење под влијание
Сигурно знаете дека возењето под дејство на алкохол, наркотици или други одредени лекови не само што е забрането со закон, туку и го нарушува расудувањето, координацијата и времето на реакција.
Алкохолот и наркотиците се забранети со закон, доколку се случи да практикувате возење под дејство, следат големи парични казни. Покрај алкохолот и наркотиците на листата забранети супстанци има и лекови со силно дејство кои имаат влијание на вашето расудување.
Настрана од овие забранети супстанци и лекарства, вие сте индивидуа сами за себе, со што дури и оние лекови кои не се забранети со закон и не прават големи промени кај пошироката маса на луѓе, кај вас може да педизвикаат контраефекти. Може да имате вртоглавици, алергиски реакци, поспаност и слично.
Затоа следете ја состојбата на вашето тело за да се паркирате во вистинскиот момент и да побарате помош или пак да почекате да се стабилизирате и да бидете сигурни дека е безбедно да продолжите со патувањето.
Со овие пречки во нормалната функција значително го зголемувате ризикот од сообраќајни незгоди.
Доколку се случи да сте под дејство, назначете трезен возач или користете алтернативен транспорт.
Занемарување на заморот
Ако сте уморни и управувате со возило, треба да знаете дека тоа е подеднакво опасно како возењето под дејство. Иако ова правило се учи уште во почетокот на вашите часови во автошкола, битно е да го помните низ целиот процес на вашето самостојно возење.
Заморот ја нарушува вашата концентрација и го скратува времето на реакција. Покрај тоа ви ги отежнува напорите да останете будни и да реагирате во опасни и непредвидени ситуации.
Доколку се чувствувате постапно додека управувате со возилото, повлечете се на безбедно место и направете пауза. Исто така за да останете будни се препорачува да разговарате со сопатникот, да се хидрирате на вашите паузи од возење и да се напиете некаков кофеински пијалак.
Ако ве чека долг пат, а немате кој да ве замени на возачкото седиште, испланирајте да застанете неколку пати на соодветни постојки за одмор за да спречите исцрпеност.
Секогаш изберете одмор наспроти ризикот од ненадејни ситуации, губење на контролата врз автомобилот и скратување на времето на реакција.
Неправилно користење на лентите
Важно е да знаете дека секоја лента на коловозот има своја намена и цел. Доколку не се движите на соодветната лента или често менувате ленти без соодветно да сигнализирате или пак воопшто не сигнализирате, може да ги збуни другите возачи и да доведе до катастрофални сообраќајни незгоди.
Бидете дисциплинирани и возете по лентата која е соодветна за вашиот следен чекор, без ралика дали е свртување на крстосница, преминување или приклучување. Менувајте ја лентата само кога е навистина неопходно и потрудете се тоа да биде по сите протоколи и без да имате лошо влијание на околината.
Прекумерна вообразеност и самодоверба
Да имате висока самодоверва не претставува проблем се додека не ја злоупотребувате истата. Треба да внимавате бидејќи во некои случаи високата самодоверба може да доведе до несовесно однесување при управување со возилото.
Без оглед на вашето искуство зад воланот не дозволувајте да станете вообразени, секогаш пристапувајте кон возењето со претпазливост и понизност. Насочете го вашето внимание на патот и пратете го опкружувањето, најважно е да бидете секогаш спремни да реагирате брзо во сите непредвидени околности.
Во оваа статија ви ги доближивме грешките за кои веќе сте слушнале во автошколата но може и да не сте биле претходно свесни. Ги објаснивме последиците и ви ја прикажавме реалната слика сѐ со цел да ви образложиме од кои причини овие постапки ја нарушуваат безбедноста на околината, но и вашата лична безбедност.
Важно е да не се плашите од грешките. Но во никој случај не дозволувајте да направите грешка свесно додека се наоѓате во околина каде што од вашите постапки ќе зависат животите и безбедноста на другите учесници.
Грешките постојат за да ги направите, да го воочите исходот без разлика на неговата тежина и да извлечете поука. Со што тоа веќе не е само грешка, туку се смета за лекција поради која сте стекнале искуство. Горе наведените грешки би било најдобро да ги избегнувате при возење, за да се заштитите себеси, вашите сопатници и колегите учесници во сообраќајот.
Запомнете, одговорното возење не е само законска регулатива, тоа е морална обврска која треба да ја почитувате и применувате.
Кога ќе направите грешка, не дозволувајте истата да ви ја намали самодовербата или да ве спречи во понатамошна едукација. Исто колку што е важна самодовербата за успех, толку е важно истата да не ја злоупотребувате и да ја занемарувате безбедноста правејќи се дека знаете сѐ.
За да ги направиме патиштата побезбедни за возење треба сите заедно да учествуваме во промовирањето на моралните обврски и да применуваме почитување на правата и законите. Сѐ со цел да обезбедиме сигурни патишта и патишта со сѐ помалку сообраќајни незгоди.