Астрономите забележаа седум нови примери на космичкиот феномен познат како темни комети, кои би можеле да им помогнат на научниците да откријат дали овие вонземски тела во почетокот на историјата на планетата помогнале да се донесат на Земјата витални елементи, како водата. Најновото откритие на астрономите го удвои познатиот број на овие мистериозни небесни објекти низ нашиот Сончев Систем. Тие личат на астероиди, но патуваат низ вселената како комети, иако без „опашката“ по која се познати кометите.
Новото истражување покажува дека постојат две различни популации на овие објекти. Откривањето повеќе темни комети им помогна на астрономите да сфатат дека овие објекти не се толку ретки како што претходно се веруваше.
Темните комети се нова класа на објекти блиску до Земјата
– Една од најважните причини зошто ги проучуваме малите тела, како астероидите и кометите, е тоа што тие ни кажуваат како материјалот се транспортира низ Сончевиот Систем – вели водечкиот автор на студијата Дерил Селигман, постдокторски соработник по физика и астрономија на Државниот универзитет во Мичиген.
Темните комети се нова класа на објекти блиску до Земјата, кои може да содржат вода, така што тие се нов потенцијален извор за испорака на материјали на Земјата што биле неопходни за развој на животот. Колку повеќе учиме за нив толку подобро можеме да ја разбереме нивната улога во потеклото на нашата планета.
Астрономите што го проучуваа она што тие веруваа дека е астероид по име 2003 РМ пред две децении забележаа дека објектот малку се поместил од неговата предвидена орбита. Движењето не може да се објасни со забрзувања типични за астероидите, како што е таканаречениот ефект Јарковски, кога вселенските карпи ја апсорбираат топлината од сонцето и потоа ја испуштаат како инфрацрвено зрачење, што може да предизвика дополнителен потисок на астероидот. Сонцето предизвикува материјалот, како што е мразот во кометата, да се претвори директно во гас преку процес наречен сублимација. Тоа испарување им обезбедува на кометите потисок. Потисокот е очигледен од опашката што се гледа како тече зад кометата, која е направена од материјал што испарува.
Оумуамуа изненадува на неколку начини
– Но, колку и да се обидувавме, не можевме да најдеме никаков знак од опашката на кометата. Изгледаше како секој друг астероид – само точка на светлина. Така, за краток временски период го имавме овој еден чуден небесен објект што не можевме целосно да го објасниме – рече коавторот на студијата Давиде Фарнокија, инженер за навигација во Лабораторијата за млазен погон на НАСА во Пасадена.
Ова е загатка што го предизвикува начинот на кој отсекогаш сме ги класифицирале објектите како астероиди или како комети. Потоа, астрономите ја забележаа Оумуамуа во 2017 година. Тоа беше првиот набљудуван објект во нашиот Сончев Систем што се формира надвор од него. Научниците накратко ја набљудуваа Оумуамуа преку телескопи пред меѓуѕвездениот посетител да го заврши својот брз транзит низ нашиот Сончев Систем, предизвикувајќи мноштво хипотези за неговата вистинска природа, вклучувајќи ја дури и можноста дека можеби е вонземска сонда. Набљудувањата на телескопот покажаа дека Оумуамуа изгледа како светлосна точка, слична на астероид, но нејзиниот пат се поместува како да фрла материјал, сличен на комета, што го отежнува одредувањето на кој објект се работи.
Сега, со откривањето уште на седум темни комети, истражувачите успеаја да ги видат разликите меѓу нивните популации.
– Имавме доволно голем број темни комети за да почнеме да гледаме дали има нешто што ќе ги разликува. Со анализа на рефлексивноста и орбитите, откривме дека нашиот Сончев Систем содржи два различни типа темни комети – додаваат истражувачите.