Фото: Пиксабеј

Во водена пареа се пронајдени органски супстанции и е потврдено дека под мразот на природниот сателит на Сатурн постои океан. Органските материи внатре во облаците на водена пареа и ледените честички се пронајдени на природниот сателит на Сатурн, Енкелад, што им дава надеж на научниците дека таму можат да постојат услови за живот.
Експертите дошле до тоа откритие со помош на снимки направени од вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“, на кои се забележани стотици километри долги „водопади“. Овие сознанија укажуваат дека изворот на споменатите супстанции е океан што се наоѓа под ледената површина на Енкелад, пренесе британски „Гардијан“. Се смета дека изворот на овој материјал е океан на солена вода што лежи под месечевата ледена кора, чие постоење е утврдено во вселенската мисија „Касини“, завршена пред осум години.
– Претходната мисија откри присуство на органски супстанции и соли внатре во зрната пронајдени во прстенот на Сатурн, кои таму дојдоа од Енкелад, но тој материјал е многу стар. Сепак, сега откривме некои видови молекули, кои се стари само неколку минути во моментот на снимањето – објасни авторот на студијата, д-р Нозаиир Хаваџа, од Универзитетот во Берлин.
За време на истражувањето објавено неодамна во списанието „Нејчер астрономи“, беше користен инструмент – анализатор на вселенска прашина, кој потврди не само присуство на органски материи туку и дека потекнуваат од океан сместен под мразот што го покрива природниот сателит на Сатурн.
– Кога откриваме постоење на хемиска сложеност во проучуваниот материјал, тоа значи дека се зголемува шансата дека на местата од каде што потекнува постои некаков облик на живот – рече Хаваџа.
Стручњаците истакнуваат дека досега не е потврдено постоење на живи суштества, но е очигледно дека сите клучни елементи за нивно создавање постојат на Енкелад – таму има вода, енергија и пребиотички молекули. Европската вселенска агенција предвидува мисија кон Сатурн и неговата месечина во почетокот на четириесеттите години од овој век, во која со помош на лендер и орбитар ќе се пребаруваат директни знаци на живот на Енкелад.