Откривањето на скелетот на џиновскиот морски рептил плесиосаурус во Австралија може да доведе до важни одговори во проучувањето на праисторискиот живот, според експертите од музејот во Квинсленд. Во западниот дел на австралиската држава Квинсленд се пронајдени остатоци од рептил за кој се верува дека талкал по водата пред околу сто милиони години. Скелетот е долг околу шест метри, а се верува дека џиновскиот рептил бил млад кога умрел. За ова откритие се заслужни тројца аматери ловци на фосили.
– Ова е првпат череп, врат и тело на плесиосаурус да се најдат заедно, виртуелно споени, што може да помогне во понатамошното истражување на корените и еволуцијата на диносаурусите – објаснува палеонтологот Еспен Кнутсен од музејот во Квинсленд.
Со оглед на тоа што ова е скелет на млад плесиосаурус, поточно вид наречен еламосаурус, ова откритие ќе фрли нова светлина врз моделот на раст на споменатиот рептил од јура.
– Следниот чекор е да се испитаат остатоците од забите на овој џин од минатото, кои со помош на различни хемиски анализи може да дадат одговори на прашањата за навиките на еламосаурусот, миграциите на овој вид и неговата исхрана – објаснува Кнутсен.
Античките водни влечуги како плесиосаурусите и ихтиосаурусите не се класифицирани како диносауруси, иако живееле во исто време. Според гореспоменатиот палеонтолог, плесиосаурусот еволуирал од вид што живеел на копно и затоа бил принуден повремено да оди над површината на водата за воздух. Сè уште не е познато колку долго овие водни џинови би можеле да останат под вода без да излезат на површина.
Експертите забележуваат дека еламосаурусот можел да порасне до десет метри во должина и да достигне длабочина од 50 метри, а живеел во далечното минато. Овој тип на плесиосаурус имал долг врат, широко рамно тело и релативно кратка опашка.