Фосил на ихтиосаурус долг околу 10 метри и стар 180 милиони години случајно е откриен во природниот резерват „Ратланд Вотер“ во близина на Лестер во Велика Британија, пренесуваат британските медиуми.
Фосилот е најголемиот и најкомплетниот скелет на ихтиосаурус ископан во Велика Британија, во природниот резерват.
Џо Дејвис, еден од работниците кои вршеле рутинска работа на уредување на природните резервати, вели дека случајно го открил фосилот.
– Знам дека многу луѓе цел живот го поминале барајќи вакво нешто, а јас имав среќа да налетам на толку важно откритие – вели Дејвис.
Се верува дека ова е првиот фосил „Темнодинтосаурус тригонодона“ пронајден во Велика Британија. Вакви фосили досега вообичаено биле откриени во Северна Америка и во Германија.
Ихтиосаурусот бил супериорен предатор. Овој вид припаѓал на групата за која се претпоставува дека ги има најголемите очи меѓу ‘рбетниците, со дијаметар од околу 20 сантиметри.
– Ова е навистина невидено откритие и едно од најголемите наоди во британската палеонтолошка историја – вели Дин Ломакс од Универзитетот во Манчестер, кој го предводел ископувањето на фосилот.
Мери Анинг го открила првиот фосил на ихтиосаур околу 1811 година во Лајм Реџис, Дорсет. Два нецелосни и многу помали ихтиосауруси биле пронајдени за време на изградбата на природниот резерват „Ратланд Вотер“ во 70-те години на минатиот век, но последното откритие е првиот целосен скелет.
Ихтиосаурусите, кои биле морски рептили, првпат се појавиле пред околу 250 милиони години, а исчезнале пред 90 милиони години. Нивната големина се движела од еден до повеќе од 25 метри, а нивната форма најмногу потсетува на делфин.