Наградата „Антево перо“ се доделува како исклучително признание за необјавен поетски ракопис на македонски јазик, а ја доделува Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски, „Антево перо“, како организатор на мeѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“.
На својот втор состанок, комисијата за доделување на наградата во состав: Весна Мојсова Чепишевска (претседателка), Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови), како поетски книги што се издвојуваат по својот квалитет ги селектираше следните осум збирки: Мимоза Рајл – „Кој ги пали сите ѕвезди“, Емељ Туна – „Пу, пу не важи“, Анета Велкоска Ода – „Каде се пресоблекува непостојаниот збор“, Оливера Андоноска – „Ние сме Ева“, Владо Поповски – „Под некое друго небо“, Владо Јаневски – „Молкозбор“, Шифра: Живот во засек – „Женопојки, митопојки“ и Кирил Ангелов – „Твоја, Таговина“. Редоследот на номинираните е според нивното пристигнување на електронската адреса.
Во потесен избор за наградата „Антев часовник“, која се доделува за откривање и афирмација на нови млади талентирани поети што творат на македонски јазик и е потстрек за нивното творештво, стручната комисија ги номинираше следните пет збирки: Ива Шајноска – „Збирка“, Вероника Димоска – „Омеѓување“, Костадин Узунов – „Гравитација кон Индомина“, Софија Тодороска – „Првото утро на цутарот“ и Николина Савеска – „Патот кон себе“. И во овој случај редоследот на номинираните е според нивното пристигнување на електронската адреса.
Во следното соопштение комисијата ќе ги соопшти добитниците на наградите „Антево перо“, „Антев златник“ и „Антев часовник“, кои традиционално се доделуваат во чест на македонскиот поетски великан Анте Поповски.