Прва анализа за социjална инклузиjа на младите на локално ниво
Националниот младински совет на Македонија ја изработи анализата „Индекс за социjална инклузиjа на младите на локално ниво 2023 – 2024“. Целта на анализата е да се измери нивото на вклученост, напредок и квалитет на животот на младите во секоја општина и преку тоа да им се обезбедат на одлучувачите и на граѓаните податоци што ќе им помогнат да постават приоритети и да носат одлуки врз основа на соодветни информации. Социјалниот индекс за вклученост ги рангира општините според нивните перформанси во поддршка на вклученоста и еднаквоста на младите. Овој ранг служи како алатка за идентификување области што бараат подобрување и за истакнување успешни практики што може да се реплицираат во други општини.
Анализата „Индекс за социjална инклузиjа на младите на локално ниво 2023 – 2024“ покажува дека просечната оцена на социјалната вклученост на младите на локално ниво изнесува 41 отсто, а како највисоко рангирана општина е општината Охрид. За оваа анализа биле развиени сет на индикатори, распоредени во четири групи на интерес, како и начин на следење и прибирање информации за истите тие. Во истражувањето биле опфатени сите 80 општини во Македонија, од кои како пријателски општини се квалификуваат Охрид, Гостивар, Крива Паланка, Струмица и Гевгелија.
Од истражените четири области, општините најдобро се покажале во пристапот до услуги, каде што 40 отсто од општините се рангирани како добри и одлични, со Охрид, Велес, Битола, Струмица и Гостивар како највисоко рангирани. Во однос на пристапот до информации, 31 отсто од општините се одлични, а најдобри се Кисела Вода, Охрид, Берово, Зрновци и Дојран. Што се однесува до вклучувањето на младите во јавни политики, само 4 отсто од општините, како Охрид, Зелениково и Тетово, се одлични. Во однос на формирањето младински совети, само 16 отсто од општините имаат функционални совети, вклучувајќи ги Теарце, Зелениково, Гостивар, Лозово и Гевгелија.
– Анализата на младинското учество на локално ниво покажува значителни предизвици во исполнувањето на законските обврски од Законот за младинско учество и младински политики, како и во имплементацијата на мерките предвидени со Националната стратегија за млади. И покрај утврдените рокови, многу општини ги исполнуваат овие обврски само делумно или воопшто не ги исполнуваат. Суштинското вклучување во креирањето на јавните политики е реткост. Дополнително, општините ретко ги издвојуваат младите како посебна целна група, а комуникациските канали не се приспособени на нивните потреби. Финансиската поддршка за младите, пак, најчесто се фокусира на спортски клубови, стипендии за млади и слични видови финансирање и поддршка на младите – велат од Националниот младински совет на Македонија.
Анализата на младинското учество на локално ниво открива потреба од значајни промени за подобрување на вклучувањето на младите. Препораките вклучуваат: назначување службеници за млади со посебен фокус на младинските прашања, развивање иновативни алатки за младинско учество и подобрување на пристапот до постојните алатки за граѓанско учество. Општините треба да планираат буџетски средства за поддршка на младите и да создадат младински центри, при подготовка на буџетите да планираат проекти и средства за поддршка на младите, да ја исполнат својата обврска од 0,1 отсто од буџетот на општината да биде наменет за младински прашања. Воведувањето дигитални алатки и подобрување на соработката со граѓанските организации исто така се клучни за ефективно младинско учество.