Фото: Пиксабеј

Животни

Дресерка на кучиња од Чикаго откри опасна навика што родителите треба да ја избегнуваат со своите миленици за безбедноста на своите деца. Шир Лимазати е сертифицирана дресерка на кучиња, која поседува деветгодишен чоколаден лабрадор ретривер по име Ченс и компанија што ја именувала по своето домашно милениче, но и поради нејзината филозофија за дресурата и самиот живот. Шир не само што ги учи родителите како да работат и да го дресираат своето куче туку им покажува и како да ги научат своите деца да го дресираат кучето, како да му дадат личен простор, да постават граници и безбедно да коегзистираат. Лимазати се среќава со кучиња со различни нивоа на анксиозност, без разлика дали станува збор за реактивност на поводник, страв од странци, ветеринари и деца. Во изминатите пет години, таа се справила со повеќе од 3.000 различни случаи и иако ситуацијата на секое семејство е единствена, таа забележала посебен проблем што се појавува одново и одново за време на почетната фаза на консултации.
– Безброј пати за време на консултациите наидов на тоа дека децата на родители што први се грижеле за куче често имаат повреди, каснувања или гребаница на лицето што им ги оставило нивното домашно милениче – вели таа и тврди дека малите деца често ги имитираат своите мајки и татковци, доближувајќи ги своите лица до кучињата, па затоа решила да направи едукативно видео за да им помогне на родителите да ги спречат овие ужасни настани.
Лимазати ги повикува родителите да бидат многу внимателни: во 2021 година, една студија заклучи дека каснувањата од кучиња сè уште се најчести кај децата на возраст од една до пет години. Истражувањето се базира на анкета на речиси 1.000 деца што биле каснати од кучиња од 2013 до 2018 година. Таа зборува за тоа колку е важно родителите што чуваат кучиња да дадат добар пример за своите деца.
– Ако им го правите на кучињата она што не би го толерирале на вашето дете, поставувате сценарио што може да доведе до застрашувачки последици како што е каснување или нешто поопасно – таа вели.
Иако ефективната дресура е важен дел од грижата за куче, Лимазати верува дека родителите мора правилно да ги едуцираат своите деца за тоа како да се грижат и да комуницираат со кучињата на безбеден начин.
– Родителите што ги учат своите деца всушност ги учат идните сопственици на домашни миленици. Исто како што ги учиме човечките деца на основите на животот – за парите, домашните работи, дружењето во училиште… – ние исто така ги учиме како да бидат одговорни сопственици на домашни миленици – вели Шир Лимазати и додава дека детето треба да научи што да прави, а што не кога оди кај пријател што има куче или кога му се приближува куче. Пораката е едноставна: бидете проактивни и ангажирајте професионалец за да им помогне на кучето и детето безбедно да коегзистираат.