Олимпиското село во Париз со 82 згради, по завршувањето на Олимписките игри, ќе биде претворено во канцелариски простор за 6.000 работници и станови за сместување на уште 6.000 луѓе.
– Ова село е замислено како маало, населба што подоцна ќе живее. „Париз 2024“ само ќе го изнајмува на неколку месеци – рече Георгина Гренон, директорка за одржливост.
Проектот ќе даде модел за ублажување на станбената криза во француската престолнина. Местото за Олимпиското село беше избрано со надеж за ревитализација на некои од историски сиромашните северни предградија на градот. Селото се наоѓа на раскрсницата на три предградија: Сен Дени, разновидна работничка населба долго време поврзана со криминал и несигурност; брзо гентрифицираниот Сен-Оуен; и Ил-Сен Дени, остров на реката Сена. Зградите се изградени од дрво и рециклирани материјали, користејќи процес што го намалува јаглеродниот отпечаток за 30 отсто по квадратен метар – повеќе отколку што се бара со француските еколошки регулативи. Третина од сите покриви се опремени со соларни панели, додека друга третина имаат градини дизајнирани да ја намалат температурата внатре. Меѓу зградите се оставени долги, рамни отвори до Сена за да формираат воздушни тунели за да донесат свеж воздух. Селото ќе има околу 3.000 стана, со вкупно 14.250 кревети направени од материјали што може да се рециклираат, слични на оние што се користат во Токио. Душеците се направени од рециклирани материјали. Столовите се направени од картон, што значи дека лесно може да се рециклираат по Олимпијадата. Низ селото организаторите спроведуваат неколку експерименти за да видат дали новите зелени технологии и методи на градење се остварливи во реалниот свет. Еден тротоар е направен со школки. Теоретски, тие школки треба да апсорбираат дожд. Во топлите денови складираната вода треба да испари и да им помогне на минувачите да се разладат.