Во долгата новинарска и фоторепортерска кариера, која трае речиси близу 60 години, сум присуствувал на многу настани и случувања во сите природни доба низ прекрасните природни убавини во западниот дел на Македонија, на Балканот, Европа, Кина, Египет, Тунис, во државите на Европа.
Впечатоците што ги понесував секогаш беа и останаа запаметени како неповторливи, различни, кои ме облагородуваат и восхитуваат и по минат над половина век. Тоа беше и остана предизвик да бидам во природата во рајските предели и во поодминати години да уживам во прошетките и во природните реткости и убавини на зданијата што ги создавале природата и ненадминати градители, жители на поширокиот западен регион на Македонија. Секое парче земја е создадено да ги насладува очите и духот, да ги наполни „батериите“, организмот да се напои со позитивна енергија и да се вратам со многу инспирација, а потоа да создавам инспиративни, исклучителни, неповторливи текстови за виденото и доживеаното. Фотографиите настануваат во миговите кога низ прошетките случајно се откриваа одлични пејзажи, ремек-дела на природата. Предизвик е да се фотографираат, бидејќи ретко се повторуваат и треба да се има среќа да се најдете во истото време на исто место, кога камчињата се подредуваат, а со нив и природниот амбиент и атмосфера што го дополнуваат просторот со колоритните убавини. Не знам колкупати низ сите годишни времиња сум престојувал на различни и привлечни убавини на природата во Горна, Долна и Мала Река (Мијачија), Кораб, Крчин, Дешат, Стогово и во други региони во западниот дел на Македонија.
Годинашнава пролет е дождлива, а на почетокот на април, невообичаено, паѓаше снег. Патувањето по долината на реката Радика е секогаш впечатливо, инспиративно, воодушевувачко, несекојдневно. Природата е даровита, не е скржава, подарила многу убавини, несекојдневности… Вљубениците во природата ќе ви речат дека крајот е секогаш убав, а напролет убавината е возвишена, недостижна…! Природата е разбудена, насекаде зеленило, а врвовите на планините сѐ уште се покриени со снег, идила посакувана за пријатен престој. Коритото на реката Радика е преполно со бистра чиста вода, како солза, насекаде се слуша жубор, кој смирува и престојот покрај реката го прави несекојдневен.
Каде и да се застане, каде и да се погледне, очите се напојуваат од убавините и не се отргнуваат. Сонцето и зраците се пробиваат низ планините, го осветлуваат кањонот, создаваат сенки и вибрации, посебно доживување. Неколку километри пред долнореканското село Жировница, посетителите ги воодушевуваат двата планински водопада што постојат од памтивек, кои ги нарекле Обесена Вода.
Не случајно местото го има добиено епитетот „обесена“. Кога од регионалниот пат Маврови Анови – Дебар ќе се погледне планината, се добива впечаток дека водата „виси“ од височината на планината, паѓа во каналот, а кога се топи снегот или, пак, има поројни дождови, тогаш водата како да рипа преку регионалниот пат и се влеваа во реката Радика. Природна појава што привлекува и воодушевува. На крајот на февруари годинава температурите во ноќните часови се спуштија на минус 10 Целзиусови степени, кои Обесената Вода ја претворија во пештера на отворено, несекојдневна и интересна појава. Просторот беше преполн со сталактити и сталагмити. Разликата меѓу пештерските украси и овие покрај реката Радика е во тоа што за да се создаде сантиметар сталактит или сталагмит се потребни милион години, а за овие радичките една ноќ.
Текст и фото: Киро Кипроски