Интересот за електричните автомобили е во опаѓање во последните месеци, барем во Европа и САД, но и покрај тешкотиите со кои се соочуваат големите производители, развојот на овие возила не запира. А во напорите електричните возила да бидат што попривлечни и достапни за клиентите, една од главните улоги ја играат батериите. Развојот на нови батерии со подобри перформанси и поголем капацитет, како и подобрување на постојните, е една од најдинамичните области на технологијата и технолошката индустрија денес, за што сведочат два неодамнешни примера што доаѓаат од Шведска и Кина.
Поздравена како револуционерна иновација во технологијата на батерии, која е подготвена целосно да ја трансформира автомобилската, транспортната и електронската индустрија, новата „структурна батерија“ е создадена на шведскиот технолошки универзитет „Чалмерс“.
Полесен и многу поголем капацитет
Главната карактеристика на „структурната батерија“ е тоа што не е класична батерија, туку е направена од материјал што истовремено функционира и како батерија и како потпорна конструкција.
– Тоа значи дека батеријата што го напојува возилото наместо да се става во специјални пакувања под електричните автомобили, овде служи истовремено како дел од неговата конструкција. Батеријата направена од композити од јаглеродни влакна е силна како алуминиум и доволно густа за комерцијална употреба – вели водечкиот научник на проектот, Рича Чаудари.
Композитниот материјал содржи јаглеродни влакна што служат како позитивни и негативни електроди, каде што позитивната електрода е обложена со литиум-железо-фосфат. Резултатот е батерија што истовремено складира енергија и служи како потпорна структура, која ја „држи“ силата на телото. Шведските научници пресметале дека со употреба на „структурните батерии“ ќе може да се зголеми опсегот на електричните автомобили со едно полнење и до 70 отсто, од истовремено намалување на масата и зголемување на капацитетот на батериите.
Автобус со милион километри
Оваа технологија, сепак, треба дополнително да се усоврши пред да биде подготвена за комерцијална употреба. Нивната најголема предност е секако значителното намалување на масата и вкупните димензии во однос на денешните батерии. Затоа, покрај поефикасните автомобили, структурните батерии би можеле да ни донесат и низа други иновации, како што се многу полесни и потенки паметни телефони – малку подебели од кредитна картичка.
Водечкиот светски производител на батерии за електрични возила – кинескиот ЦАТЛ, ја претстави својата нова батерија специјално дизајнирана за електрични автобуси, која, според неговите креатори, има исклучителен животен век од 15 години или неверојатни 1,5 милион километри! Револуционерната батерија „цатл тектранс бас едишн“ има најголема густина на енергија меѓу големите батерии на возила досега. Производителот истакнува дека оваа батерија ќе служи сигурно, без значително губење на перформансите – цели 10 години или 1.000.000 километри, колку што е гарантниот рок за нив.