Новите форми на дигитално малтретирање во некои случаи се полоши од класичното насилство, а тоа многу се потценува во општеството. На Инстаграм има сѐ повеќе профили наречени „најгрозните момчиња и девојчиња“, покрај кои најчесто се наведува и местото од каде што доаѓаат поединците. На овие профили, авторите објавуваат фотографии на деца за кои сметаат дека се „грозни“ и ги исмејуваат преку коментари.
Овој вид врсничко насилство не е нов
Покрај овој феномен, се појави уште една форма, која можеби не дискриминира млади лица, но дефинитивно ја повредува нивната приватност. Станува збор за сѐ попопуларните таканаречени забележани (спотед) профили на кои младите, најмногу тинејџери, фотографираат други млади лица и потоа ги објавуваат тие фотографии на Инстаграм.
Фотографии на млади, кои воопшто не знаат дека нивните фотографии се појавуваат на социјалните мрежи, секојдневно се објавуваат на вакви профили. Ваквите профили најчесто се заклучени за корисниците што не ги следат, така што луѓето чии фотографии се објавени не можат воопшто да дознаат дека нивната приватност се крши.
За разлика од овие профили, каде што постои теоретска можност да се повлече фотографијата, профилите што служат за дискриминација на децата врз основа на физичкиот изглед најчесто не ја нудат таа можност. На овие профили им е заедничка анонимноста и не се знае кои се нивните автори.
Овој вид врсничко насилство не е ново, туку нови се начините на кои се врши и се прикажува. Познато е дека по откривањето пред возрасните, ваквите профили брзо се бришат и уште побрзо се создаваат нови. Платформите и апликациите што овозможуваат дигитално поврзување, а со тоа и злоупотреба, навистина се многубројни, а децата ги користат повеќе отколку што можеме да претпоставиме.
Родителите би требало повеќе да бидат вклучени
Децата почнуваат да го користат интернетот од сè помала возраст, без соодветен увид на родителите или старателите во нивните активности. Родителите би требало значително повеќе да бидат вклучени во активностите на своите деца на мрежите.
Навредите, потсмевањето, дискриминацијата, па дури и говорот на омраза се многу распространети, за што јавноста често се предупредува. Тоа е една од причините за појавата на профили каде што тинејџерите ги понижуваат своите врсници поради изгледот, облеката, имотната состојба и поради сè што не се вклопува во посакуваната слика на одредена врсничка група.
Обрасците на однесување меѓу тинејџерите се понижување, насилно однесување, нетрпеливост и дискриминација. Постои и културата на реални шоуа, каде што банализацијата на човекот е доведена до максимум.
Поширокиот општествен контекст е таков што овозможува појава на различни форми на насилство, вклучувајќи и дигитално. Младите, по своја природа, што е дел од растењето и развојот на личниот идентитет, се љубопитни и склони кон истражување, желни за новини и сензации, а покрај тоа и поподложни на влијание од врсничката група отколку од некои други возрасни групи, што делумно објаснува зошто овие нови форми на дигитално насилство толку лесно се лепат за нив. Понекогаш младите всушност и немаат цел да повредат друга личност, а често немаат ниту свест дека со своето однесување навистина ја вознемириле и ја изложиле на ризик, ниту свест за последиците од споделувањето нечии лични податоци во јавниот простор како што е интернетот.

































