Годинава фондот ќе поддржи активности за заштита на нашите шуми од пожари, едукација на младите, развој на децата со попреченост со помош на технологијата и за прва изнајмувачница на помагала за сограѓаните што се борат со рак

Добротворна модна аукција

Во рамките на кампањата „Денови за донирање“ се одржа добротворна модна аукција. Шеснаесет модни дизајнерки и дизајнери донираа модни парчиња што беа ставени на добротворна аукција и од кои се собраа донации во износ од над 160.000 денари за донаторскиот фонд на „Конект“, од каде што со грантови ќе се поддржат програми на граѓански организации. Годинава фондот ќе поддржи активности за заштита на нашите шуми од пожари, едукација на младите, развој на децата со попреченост со помош на технологијата и за прва изнајмувачница на помагала за сограѓаните што се борат со рак.
На специјалното шоу водено од гласноговорникот на кампањата „Денови за донирање“, Огнен Јанески, и Никола Трајковски од „Конект“, над 120 присутни, вљубеници во модата и филантропијата, се наддаваа донирајќи за мало богатство дизајни на Никола Булески, Лидија Георгиева, Никола Ефтимов, „Алшар“ на Силвија Михајловска, Ирина Тошева, Росица Мршиќ, Катерина Тошева, „Терзија“, „Бела“, „Милкбрајд“, Александар Стојанов-Зорин и студентите на „Скала“: Сара Величковска, Михаела Штерјова, Татјана Гиновска, Марија Трајковска и Снежана Ефковска под менторство на Никола Булески, Александар Ношпал, Катерина Тошева и Антонија Гугинска Јорданоска.


– Модата е многу повеќе од само облека, таа е двигател на културата и начин на живот што мора да стане одржлив и погрижлив за луѓето, живиот свет и за природата. Од тука тргна и инспирацијата на креативниот тим на овој уникатен настан во кој секој донира дел од својата креативност, ресурси и душа. Се радуваме што ова станува традиционален настан и филантропско движење на македонските креативци – изјави Виктор Мирчевски, програмски директор во здружението „Конект“ и дел од креативниот тим што волонтерски работеше на каталогот за аукцијата во чија продукција беа вклучени студенти на „Скала“ (Тео Костовски и Ана В’чкова) под менторство на фотографот Дејан Џолев.
„Денови за донирање“ е национална кампања што ги инспирира поединците, семејствата, бизнисите и заедниците да се здружат и заедно да донираат на низа начини и настани достапни во календарот на кампањата до почетокот на декември.
Иницијатор на добротворната модна аукција е модниот дизајнер Никола Булески–Буле.
– Раката што дава не се суши – е позната македонска поговорка што отсекогаш ме инспирирала. Сите ние во одреден период од животот имаме потреба од подадена рака. Низ мојот развој честопати ми беше потребна помош и ја добивав од блиски луѓе, но и од само познаници, кои прераснаа во мои пријатели. Не можев на сите да им возвратам со иста мера, но научив како да го следам нивниот пример и да им помагам на други на кои навистина им е потребна помош. Не за да покажам колку сум моќен, туку за да станам подобар човек и да помогнам во градењето подобро општество – рече Булески.