(Бајага и Владо, концерт)
Додека се рекламираше овој заеднички концерт, целиот овој настан ми изгледаше некако неприродно. Од една страна, Владо Јаневски со неговиот бенд, македонскиот шансониер, преполн со хитови, обожаван од македонската публика, особено од понежниот пол. А од друга страна Бајага со неговите „Инструктори“, човекот што израсна како дел од една „Рибља чорба“, па создаде свој стил на музика со кој ги достигна сите можни цели и во таа Југославија и во денешниве остатоци од неа, исто така обожаван од македонската публика, особено од понежниот пол.
Она што, според мене, е слично помеѓу нив е што и едниот и другиот се неверојатно прифатени од публиката секој на свој начин, а различности има многу, премногу. Така, на пример, Бајага може да направи концерт каде што сака на просторите на таа поранешна заедничка голема земја и секаде ќе биде преполно, а и Владо исто така може каде што сака, но полно ќе биде само во Македонија.
Е, сега, што е наративот да се спојат овие две ѕвезди? На заедничката прес-конференција во Скопје и двајцата ги искажаа своите мотиви, и тоа настапија така убедливо небаре чиниш прават заедничка турнеја како сеќавање од времето кога биле членови на иста група, а не биле. Доволно да ме привлече да одам на концертот.
И ете сум јас на концертот. Преполна сала. Ама навистина преполна. Претежно млади луѓе од околу 20-25 години, но имаше и исклучоци. Се вртам со фотоапаратот низ салата. За кого сте дојдени, ги прашувам. Некои велат за двата изведувача, некои за Владо, а некои за Бајага. Она што ми беше најинтересно кога направив анализа на околу сто посетители, од кои 55 проценти од понежниот пол, на возраст од 20 до 30 години, над 65 проценти од нив го спомнаа Владо или заеднички.
Почнува концертот. Меѓу музичарите и придружните вокали на Јаневски сѐ ѕвезда до ѕвезда. Како што излегува Владо така овации во публиката. И се редат по некој друг редослед хит до хит -„Ако не те сакам“, „Црно тиквешко“, „10 девојки“, „Од овој ден“, „Евергрин“, „Чаирска романтика“, „Некогаш и негде“ и уште многу други, вклучувајќи ја и најновата. Знае човекот како треба, како што пее Владо така пее и цела сала, а кога не пее Владо, пее целата публика. Се чувствува таа поврзаност помеѓу него и публиката, особено со женскиот дел. Неговите текстови допираат длабоко во женските прекрасни души, а за да навлезеш во таа женска душа сепак треба да има нешто нивно и во тебе. На сцената вистински професионален перформанс.
Владо игра, скока, се тетерави, пее и рецитира, прави некои чудни движења, зборува за дел од неговиот живот, за неговиот сегашен живот во Гевгелија. Сето тоа со прекрасна сценографија на бината, како и неговата облека во боја на виножито и црвени панталони, со што се гледа дека навистина длабоко ја чувствува женската психа и тоа го изразува на најлесен начин преку текстовите. Поминуваат два часа во непрекината колекција на меморија и емоции. Владо не мирува, публиката среќна, емоционално исполнета, понекоја солза, понекоја насмевка. Владо најавува дека ќе ја пее последната песна, но отпеа уште седум-осум песни како последни. Нема врска, важно е дека публиката уживаше. Завршува Владо, триумфално.
Мала пауза, тишина. Се мести бината, па темница. Исчекување. И ете ги нив, рок-метузалемите, диносаурусите на балканската сцена, една од најсаканите и најдолговечните групи на овие простори. Почнуваат полека, тивко. Бајага повеќе рецитира отколку што пее. Жика само нешто зборува, и тоа на македонски, но доволно добро да го подигне нивото на поврзаност со македонската публика. Саша стои и свири зад клавијатурите како некаков менаџер гледајќи ја секоја позиција. Целиот тој бенд „Инструктори“, заедно со придружните вокали, изгледа неверојатно на прекрасната сцена. Се гледа дека „Авалон“ (организаторите) се потрудиле да дадат сѐ од себе за да ја направат оваа вечер посебна. И не само што ја направија туку и се надминаа. Секоја чест.
А публиката, таа е она поради која и кралевите застануваат во својот поход, таа и таква публика тотално се вдахновува во целиот тој амбиент. И пеат, и играат, и ги исфрлаат сите тие бесови, фрустрации што ги имаат во себе, барем овие неколку часа се чувствуваат ослободено од стегите на секојдневието. А кој не би се поврзал со вечноста, па макар накратко, на песните на Бајага, па се редат „Музика на струју“, „Лепа Јања рибарева кчи“, „Дарја“, „Добро јутро“, „Берлин“, „Једино то се зове љубав“, „Песма слободе“, „Горе-доле“, „Песна против малери“ и многу други. Леле, листа на песни! Па, на бината е Бајага, идолот на многумина, човекот со чии песни растеа, се вљубуваа, тажеа, и тоа е таа непрекината нишка на младоста и полека на зрелоста.
Да, да тоа се Бајага и „Инструктори“, тие се таа временска машина, идолите на милиони што се оддалечени на само неколку метри од нив и кој можеш да ги досегнеш со својот поглед. Речиси два часа, кои поминаа за неколку минути. Никој не си оди, салата е преполна, заминува стариот ден, новиот веќе навлезе, а сите чекаат нешто, некое заедничко пеење на Бајага и Владо.
Навистина не би било во ред да напишам што сѐ имаше до крајот, па ве оставам малку вие да се внесете себеси како да сте таму во тие моменти и да си направите свој крај на овој неверојатно прекрасен концерт. И за крај, ноќта на спротивставеностите се претвори во ноќ на заедништво, на истомисленост, без политика, без некакви алузии на ова или она, едноставно едно неверојатно чисто прекрасно славење на ноќта на љубовта.
Љупчо Давчев































