Песни што ме тераат да играм
Откако почина Аки пред нецели две години, мислев дека „Парни валјак“ како група се готови. Можеби Хус (лидер, текстописец, композитор, основач) ќе продолжи да создава музика, да продуцира, но без харизматичниот Аки, тешко е можен ист интензитет на работа. Гласот на Аки беше нивниот препознатлив знак, неговата интеракција со публиката беше неверојатна, дишеа како еден, тој беше сечиј пријател и многумина се идентификуваа како него. Неверојатен лик, кој заедно со безвременскиот мајстор Хус сочинуваше една од најсаканите групи на овие простори. Загубата на Аки беше преболена, и многу поголеми групи се распаѓале откако ќе починел еден член. Но периодот на празнотија и навикнување треба некако да се надмине, а Хус продолжи да создава, направи куп песни полни со емоции, мораше на некој начин сето тоа да излезе од него. Затоа секоја чест што успеаја да продолжат понатаму. Некако ги составија парчињата болка и по потрагата по нов пејач продолжија, бидејќи Аки не беше каков било пејач, тој имаше посебна харизма, беше еден од трите најдобри вокали на овие простори, препознатлив од првиот звук на која било песна на „Парни валјак“. Па, оди најди негова замена. Но Хус не би бил тој што е да не знаеше да го препознае потенцијалот во младиот Игор Дрвенкар (роден во Подравски Сесвета, Хрватска, лидер на групата „Геа“), чиј глас е неверојатно сличен на гласот на Аки, полн со топлина. Во 2023 година официјално е промовиран за нов член на групата, која почнува да издава нови песни во кои се чувствува огромниот пејачки потенцијал на Игор.
За мене албумите на „Парни валјак“ се некако статични, текстот, музиката и пеењето се одлични, продукцијата исто така, но ја нема онаа нивна препознатливост, посветеност. Од друга страна, на нивните живи албуми и концерти сѐ е сосема различно, динамиката ја заменува статиката, се чувствува чиста емоција, топлина. Сум ги гледал во живо многупати, и во акустично издание – тоа е сосема нова димензија. Затоа и едвај чекав да ги слушам во живо со новиот пејач. На 30 ноември се одржа концерт на „Парни валјак“ во салата „Јане Сандански“ во Аеродром, во беспрекорна организација на продукцијата „Авалон“. Полна сала, предгрупа им беше „Дечак из воде“ (трибјут-бенд на ЕКВ). За нив подобро да не пишувам, зашто секоја буква би била сквернавење на споменот на една од најголемите групи на сите времиња на некогашните заеднички простори. И колку и да се мачеше Жика да го поправи впечатокот, не можеше ништо да направи, едноставно ужас. Но затоа потоа уживав во два часа прекрасна музика на „Парни валјак“. Почнуваат да свират, на бината седум музичари, две гитари, бас, тапани, Игор и два женски придружни вокали. Игор почнува да пее, публиката експлодира, неговиот глас е речиси идентичен на оној на Аки (македонскиот суперхерој). Нема повлекување, зашто и Игор и Хус се преплашени како ќе бидат прифатени од македонската публика, оттука и тој почетен колеблив став.
Се редат: „Јесен у мени“, „Моја је песма лагана“, „Доѓи“, „Заставе, „Године пролазе“, „Ухвати ритам“, „Након свих ових година“…, провејува минатото, сите пеат, и млади и стари. И музичарите и публиката се како еден. Игор е новиот херој, успева да го замени Аки и во пеењето и во интеракцијата со публиката. Браво Игор, браво Хус, браво за целиот бенд, браво и за женските придружни вокали, успеавте! Поминаа два часа, во кои и два биса, како миг, а музичарите не застанаа, да траеше концертот уште два часа, публиката немаше да си замине. Неверојатен концерт, неверојатно враќање на сцената, неверојатна атмосфера, сето тоа поткрепено со неверојатната македонска публика. А ти, Аки, таму на небесните полиња, забавувај ги тие таму заедно со Масимо и Милан Младеновиќ, и да знаеш дека не треба да се грижиш за ништо, имаш одлична замена. Едноставно, опушти се, уживај, ритамот е фатен.