Фото: Пиксабеј

Променети се правилата за бесплатен рачен багаж

Најголемиот европски нискобуџетен превозник минатата недела објави дека ја зголемува големината на бесплатниот мал багаж што патниците можат да го понесат во кабината.
Авиокомпанијата „Рајанер“ одлучи да ја зголеми големината на својот бесплатен рачен багаж непосредно пред летниот метеж. Сепак, останува прашањето дали другите авиокомпании ќе го следат примерот и што значи тоа за патниците низ цела Европа.
Металните рамки што се користат за мерење багаж, кои ги гледаме насекаде низ европските аеродроми, станаа симбол на стрес за секој што патува со нискобуџетни авиокомпании. Доволно е багажот да не го помине тестот и патникот веднаш е полесен за неколку десетици евра. Сепак, „Рајанер“ одлучи да попушти – и тоа пред шпицот на сезоната.
Најголемиот европски нискобуџетен превозник минатата недела објави дека ги зголемува дозволените димензии на бесплатна мала торба (т.н. личен предмет) што патниците можат да ја внесат во кабината: од претходните 40 x 25 x 20 см на 40 x 30 x 20 см. Тоа е 20 отсто повеќе простор, или една третина повеќе од новиот европски минимум (40 x 30 x 15 см).

Сепак, сè останува исто?

„Рајанер“ ги промовира промените како „повеликодушни“ од своите конкуренти, а новите правила ќе стапат во сила „во наредните недели, откако ќе се приспособат сите уреди за мерење на аеродромите“. Во пракса, ова значи дека нема да морате на сила да го поминете вашиот багаж низ обезбедувањето, но бидете предупредени: сè друго ќе остане исто.
Доколку вашиот багаж не ја помине проверката на портата, ќе ви бидат наплатени околу 70 евра, а за поголем рачен багаж сепак ќе се наплати дополнително (од шест до 36 евра по лет, во зависност од маршрутата и времето). Ако тој багаж е преголем, може да чини над 80 евра за да се стави во багажникот.

Што прават другите авиокомпании?

Некои конкуренти веќе се пред „Рајанер“. На пример, „ИзиЏет“ веќе дозволува уште поголем бесплатен багаж под седиштето (45 x 36 x 20 см), додека „Виз ер“ има идентично правило како и новиот стандард на „Рајанер“ (40 x 30 x 20 см).
„Авиокомпаниите за Европа“ (A4E), здружение на 28 од најголемите европски авиокомпании, потврди дека сите нејзини членови веќе ги спроведуваат димензиите договорени со ЕУ. До крајот на летната сезона 2025 година, се очекува сите да бидат во согласност, иако некои авиокомпании ќе продолжат да дозволуваат поголеми големини на личен багаж.
Стандардизирањето на правилата за рачен багаж е тема на дискусија во Брисел со години, со цел да им се овозможи на патниците да купат една торба што може да се користи кај повеќето авиокомпании. За честите патници, ова значи конечно крај на непријатните изненадувања и поголема јасност при пакувањето.

Дали ќе бидат укинати таксите за рачен багаж?

Сè уште не – но притисокот расте. Европските групи на потрошувачи бараат од ЕУ да ги забрани таксите за „разумно голем“ рачен багаж, повикувајќи се на пресудата на Европскиот суд на правдата од 2014 година дека рачната торба што исполнува разумна големина не треба да подлежи на дополнителен трошок.
Во Шпанија, минатата година Министерството за заштита на потрошувачите казни пет авиокомпании (вклучувајќи ја и „Рајанер“) со вкупно 179 милиони евра за наплата за рачен багаж и резервации на седишта, но судските случаи сè уште се во тек и некои казни се привремено суспендирани.
Европскиот парламент неодамна усвои предлог со кој ќе му се овозможи на секој патник да носи дополнителна рачна торба со тежина до седум килограми бесплатно, а децата под 12 години ќе мора да седат со својот придружник без дополнителни трошоци. Доколку се усвои, предлогот ќе се применува на сите летови во и надвор од ЕУ.
Авиокомпаниите, очекувано, не се задоволни и тврдат дека цената на багажот ќе се пренесе на цената на билетите – што би можело да го направи патувањето поскапо за сите.