Иновативниот кинески бренд за електрични автомобили „Нио“ наскоро би можел да стане сопственик на фабриката на „Ауди“ во Брисел, каде што наскоро ќе престане производството на непрофитабилниот „ку8 е-трон“. Кризата што ги погоди производителите на автомобили во последните месеци, предизвикана од ненадејниот пад на побарувачката за електрични возила во Европа, доведе до сериозен проблем во случајот со „Фолксваген“, во кој се најде и бриселската фабрика на луксузниот бренд „Ауди“.
Производството на единствениот автомобил што доаѓа со тој погон – електричниот кросовер СУВ-модел „ауди ку8 е-трон“, наскоро целосно ќе биде прекинато. Компанијата уште во јули објави дека ја разгледува можноста за целосно затворање на фабриката. И токму кога сè укажуваше на фактот дека „Фолксваген“, како дел од неодамна усвоената програма за штедење до 2026 година, ќе може да стави катанец на еден од своите погони за првпат од 1988 година, се случи пресврт. Кинескиот производител на електрични возила „Нио“ се појави како потенцијален купувач на фабриката на „Ауди“ во главниот град на Белгија и Европската Унија. Компанијата веќе подготвува понуда за нејзино купување.
Производството на возила со кинеска марка во Европа ќе му овозможи на „Нио“ да избегне плаќање на неодамна воведените тарифи за увоз на кинески електрични возила, кои на производителите од оваа земја им ги наметна бриселската администрација. Претставниците на „Нио“ веќе ја посетија фабриката, давајќи им надеж на вработените дека нема да бидат оставени на улица. „Нио“ со оваа аквизиција би можел да добие значајна основа за посериозен влез на европскиот пазар, а освен што ќе ги избегне царинските мерки на ЕУ, би имал и значително помали трошоци отколку ако сам би изградил целосно нова фабрика.
Компанијата „Нио“ е основана во 2014 година, а во последните неколку години се прослави во светот со интересни иновации, како и со развојот на електрични возила со способност за автономно возење на високо ниво. Компанијата исто така е позната по развојот на сопствен систем за замена на батерии за своите електрични возила, како и станици каде што се врши оваа замена.