Никола Мартиноски Фото - МАНУ

Мартиноски имал повеќе самостојни изложби, особено по Втората светска војна. Неговата прва изложба била во 1929 година во Скопје, а подоцна во Загреб, Белград, Љубљана, Париз, Дижон и во други градови. Пред Втората светска војна изработил и неколку мурали во Скопје

Занимливости

Во историската меморија на македонската нација, Мартиноски останува запаметен како една од најважните личности за развојот на македонската култура во 20 век. Дипломирал во Романија, а во 1928 година престојувал во Париз, каде што ја посетил Академи де ла Гранд Шомјер. Се вратил во Македонија и вовел светски модерни сликарски тенденции, карактеристични за Париската школа. Тој бил еден од основачите на Средното ликовно училиште во Скопје, меѓу иницијаторите на Друштвото на ликовни уметници и Националната галерија на Македонија, како и еден од основачите на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
Мартиноски покажал интерес за уметноста уште во првите училишни години, а многу нешта научил во работилницата на македонскиот зограф Димитар Андонов Папрадишки. До почетокот на втората деценија на 20 век ги создал своите први дела, најчесто мотиви од разгледници во боја. Под влијание на романската уметност, започнал да твори дела со склоности кон експресионизмот. Тука може да се вброи делото „Глава на дете“, а за уметничката слика „Женски акт“, која била насликана под влијание на Камил Ресу, ја добил првата награда за сликарство.
Во 1928 година, со пејзажи учествувал на изложба во Париз, а таму ги создал и делата „Женски акт со шапка“, „Шахисти“, „Дама со мачка“ и други. По враќањето во Македонија се нашол под влијание на импресионизмот, кубизмот и експресионизмот, а „Портретот на младиот офицер“ е почетокот на неговото ново видување. Во третата деценија од 20 век, неговите дела се одликуваат со претставите на проституцијата или животот во кафеаните. Во тие дела се забележува бруталноста на мотивите, а во тој период ги создал „Доилка“, „Композиција – Мајка со дете“, „Кафеана 1“ и други.
До почетокот на Втората светска војна, Мартиноски имал интензивна активност.

Невеста Фото – МАНУ

На скопската изложба на Мартиноски (1936) бил видлив и неговиот интерес за општествената средина што го опкружувала, предадена со „екстремни, импресивни ликовни средства“. Во 1936 година, во приватна куќа во Скопје, Мартиноски ја создал и фреската „Пасторала“ (или „Селска идила“), со декоративен третман на композицијата, во неговиот претходно разработен стил, близок на Модиљани.
До 1941 година во делата на Мартиноски се развил социјален реализам, како израз на симпатијата кон сиромашните. На неговата самостојна изложба во 1938 година, уметноста на Мартиноски била класифицирана како реалистична и тој бил наречен „голем македонски сликар“. Од таа година датираат неколку типични дела: „Питач“, во партали и со превез над десното око, „Малиот ерменски емигрант“ и „Албанец“, кои претставуваат млади момчиња, со „слатки лица“ и деликатен третман, сличен на оној во „Невеста“ од 1937 година.
Повоеното творештво на Мартиноски се развивало во неколку фази, паралелно со динамичните историски промени во тоа време. Првата фаза е под влијание на социјалистичкиот реализам и трае до 1950 година. Тогаш Мартиноски најчесто го следел своето претходно творештво, со промени предизвикани од новите творечки состојби во повоениот период.
Неговите дела од 1950 година покажуваат дека постепено ја менувал својата ориентација, но останал во рамките на реализмот. Во „Автопортрет“ (1949-1950), со студени бои, но користени слободно и грижливо, тој убедливо ги претставил физиономските и психолошките карактеристики на сопствената личност. Цртежите на Мартиноски од овој период претставуваат поединечни фигури или групни композиции, третирани со сигурна и вешта реалистичка постапка.
Неговите уметнички дела се наоѓаат во голем број галерии и музеи, како и во голем број приватни колекции во Македонија и во светот. Д. Ст.

Пејзаж