Фото: Татјана Ранташа

Велат дека по реката повторно тече река, но исто така велат дека по дождот доаѓа сонце. Тоа сонце во голема мера му беше потребно на еден од најреномираните светски џез-фестивали, „Скопскиот џез-фестивал“. И тоа сонце светна со сиот раскош и убавина, загревајќи ги срцата, душата и ушите на секој оној што присуствуваше на концертите во Националната опера и балет и во МКЦ, во деновите од 17 до 20 октомври.
Четири вечери преполни со џез, чист суров џез во разни облици. Организацијата беше на највисоко ниво, раководството ги постави основите уште пред повеќе од 40 години и секоја година само се надградуваше, а публиката го чекаше овој момент кога сето тоа ќе експлодира. Ми беше чест да присуствувам, да бидам тука во моментот кога сето ова експлодираше, станувајќи сведок на повторно раѓање на сонцето. Сум присуствувал на многу изданија на СЏФ во многулетното постоење, гледајќи неверојатни ѕвезди, просечни музичари, но и некои не толку добри свирки, и ништо, ама воопшто ништо не може да се спореди со она што беше прикажано оваа година. Четири вечери преполни со публика, со емоции, во кои музичарите не сакаа да си заминат, давајќи се максимално, а публиката ги награди со долготрајни аплаузи.
Првата вечер започна во НОБ со неверојатната Сесил Меклорен Салвант, добитничка на три награди „греми“ за три албума, чиј настап заслужува посебен осврт. Истата вечер во МКЦ свиреа Македонците „Некст то сајленс“, кои имаат издадено неколку албуми, а вечерта го промовираа последното издание „Рух“. Лидерот на групата, саксофонистот Кирил Кузманов, беше прогласен за најдобар џез-музичар, а публиката уживаше во тој интересен спој на џезот во салата во МКЦ. Втората вечер повторно беше преполно. Свиреа фри-џезерите „Родриго Амадо д Бриџ“. Обично за мене показател дали некој го сака џезот е дали може да ја почувствува анархијата во фри-џезот. А тоа годинава можеше да се почувствува кај публиката. Родриго и неговиот бенд не застанаа, приредија таков одличен концерт, а нивната свирка, импровизација, ја воодушеви публиката. Со право ги нарекуваат кралеви на импровизацијата. Дури и двата биса не беа во можност да ги запрат музичарите и публиката да дишат како едно. Потоа настапи групата „Д енд“, која свири некој спој на експериментален џез, вклучувајќи рок, но и дел од наследството на „Соник јут“ (познати по својот експериментален нојз-рок) и на сето тоа се надоврза женскиот вокал на Етиопјанката, која донесе и звуци од својот фолклор. Третата вечер беше резервирана за композиторот и пијанистот Давид Вајрелес, роден во Куба, од која заминува за Канада и подоцна за САД. Неговата музика е спој на кубанската фолклорна музика и канадскиот и њујоршкиот џез, создавајќи сопствен стил.

Тој вечерта отсвири на пијано дел од својата музика издадена на повеќе носачи на звук. Веднаш по него излезе оркестарот на Роб Мазурек, „Експлодинг стар оркестар“. Пораснат во Чикаго, свири со некои од најистакнатите имиња од тамошната џез-сцена, но исто така истражува и во други правци, и тоа претежно построк, инди-поп, фанк, инди-електро. Неговите настапи се динамични, полни со импровизации, користење семплери и визуелни елементи што прекрасно ја дополнуваат атмосферата, и во сета таа какофонија од звуци се чувствува неговиот звук на трубата или корнетот. Екстремно добар настап, кој беше прекрасно прифатен од публиката. Последната вечер ги донесе на сцената флејтистката Никол Мичел и тапанарот Марк Сандерс. Прекрасен звук составен само од два инструмента, кои добро се вклопуваат во приказната дека џезот е неспоредлив со кој било друг стил, во него секој може да најде дел од себе. Својот талент и искуство ги сподели на сцената професорката, композиторка и флејтистка Никол Мичел, прогласена за топ флејтистка на годината. Нивната музика е просто неверојатно жива, полна со импровизации и, како што можеше да се види, никој не остана рамнодушен.

Џез во еден минималистички облик, но изгледа полно и свежо како да свири цел оркестар. Последни настапија „Фајр! Оркестар“, бенд составен од 16 музичари раководени од Мат Густавсон. Тоа мораше да се чуе во живо. Нема пауза, сѐ е споено, нема најави за песни, сѐ си тече како подмачкано. Колку повеќе се внесуваш во ова торнадо, толку повеќе си привлечен од звукот. Десет дувачки инструменти, гитара, бас, два комплети тапани, перкусии, клавијатури – во одредени моменти се спојуваат создавајќи го звукот на создавање на светот. Една од најдобрите свирки воопшто во досегашното постоење на СЏФ. Поставија нови стандарди.
Секоја чест на организаторите, публиката и на сите оние што го дадоа својот придонес кон годинашното 43-то издание на СЏФ. Оваа година беше жестока и веројатно сите натамошни изданија ќе се мерат според годинашното издание.

Љупчо Давчев