Најпопуларната платформа за стриминг-содржини од филмови и серии минува низ тежок период, но не е само Нетфликс загрозен, туку целата индустрија за стриминг. И покрај достапноста на легалните опции за стриминг повеќе од кога било, пиратеријата на ТВ-емисии, серии и филмови е во пораст. Зголемената фрагментација во пејзажот за стриминг заедно со високите трошоци ги тера луѓето да се свртат кон нелегални опции, како што се озлогласениот Попкорн или сè попопуларниот Стримио.
Според компанијата за следење и анализа на пиратеријата МУСО; сериите и филмовите на Нетфликс сега сочинуваат над 16 отсто од сите пиратски содржини на интернет. Како прва голема легална услуга за стриминг на претплата преку интернет, Нетфликс го отвори патот на револуцијата за стримингот. Компанијата почна да се натпреварува со пиратеријата од самиот почеток, брендирајќи се како супериорна алтернатива, а во првите години стратегијата се исплатеше. Милиони претплатници се префрлија од повремена потрошувачка на пиратски содржини на сомнителни платформи на легитимна алтернатива по многу разумна цена. Во годините што следуваа, понудата на легална содржина за стриминг стана многу поголема. Инспирирани од успехот на Нетфликс, новите играчи како Амазон, Дизни, Ејч-би-о, Хулу, Парамаунт или Пикок почнаа да се натпреваруваат за дел од профитабилниот стриминг-пазар. Медиумите често го нарекуваат овој натпревар војна за стриминг, но вистинската закана не доаѓа од легалните услуги за стриминг, туку од нелегалните пиратски сајтови. МУСО исто така го препознава овој проблем. Освен што работи на борбата против пиратеријата за главните носители на авторски права, компанијата со седиште во Велика Британија исто така им помага на големите играчи како Амазон, Лајонсгејт и Сони да ги разберат најновите пиратски трендови.
Во својот текст, извршниот директор на МУСО, Енди Чатерли, истакнува дека зголемената фрагментација на стримингот, заедно со сè повисоките цени, ја прави пиратеријата уште попривлечна.