ЗАВРШИЈА 54. „ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ“ ВО БИТОЛА
Со доделување на наградите за најдобрите културно-уметнички друштва од Македонија и со интернационална вечер што ја приредија гостите од странските држави учесници на фестивалот, во Битола заврши 54. издание на фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“. Според статутот, на фестивалот се оценуваат и се наградуваат само ансамблите од Македонија, додека ансамблите од странство настапуваат ревијално.
Комисијата во состав: Владимир Јаневски, Родна Величковска, Мирјана Мирчевска, Беким Рамадани и Христијан Николовски одлучи за најуспешна група што презентираше традиционална музика и игра да го прогласи КУД „Илинден“ од Битола. За најуспешна група што презентираше староградска музика и игра е награден ансамблот „Распеани кичевчани“ – Кичево, за најуспешна инструментална соло-изведба е прогласена изведбата на „Осоговски бисер“ од Кочани, за најуспешна игроорна соло-изведба – Зењел Беќири од КУД „Добра“ – Дебар, а за ансамбл со најизворна, најкомплетна, изворна носија – „Гоце Делчев“ од Битола.
Награди на најуспешните и благодарници за учество на гостите од странство им додели директорката на Центарот за култура, Маја Андоновска Илијевски.
– Оваа година имавме чест и привилегија да ги обоиме со танц, песна и култура изминатите шест дена, со гости од Северен Кипар, Јужна Кореја, Турција, Америка, Боливија, Србија и, секако, од нашата Македонија. Под мотото „Уметноста на традицијата“ успеавме да создадеме еден неповторлив настан што ја слави богатата културна разноликост и ја спојува историјата со денешницата со прекрасен мост што се потпира на традицијата. Овие денови беа исполнети со магија на музиката, шаренило на костимите и живост на танците, кои ни ги донесоа нашите драги гости.
Од традиционалните ритми на Кореја, до енергичните боливиски танци, од мелодичните, но и страсни настапи на Турција и Северен Кипар што ја заиграа и битолската публика, до фантастичните и енергични Американци, кои ни ги освоија срцата со своите фолклорни звуци и со блискоста на балканскиот мелос, да пееме и да танцуваме заедно со нашите соседи од Србија. Нашиот фолклор што ни е најблизок само нѐ потсети колку е убава македонската фолклорна традиција и колку е богата и различна од едниот до другиот крај на Македонија – рече Андоновска Илијевски.
Фестивалот го носи името „Илинденски денови“, како што Илинден е симбол на борбата за слобода и независност така и овој фестивал е симбол на нашата борба за зачувување и промоција на културните вредности.
– Преку уметноста на традицијата, ние не само што ја почитуваме нашата историја туку и создадовме мостови помеѓу различните народи и култури. Нека „Уметноста на традицијата“ продолжи да нѐ поврзува и инспирира и нека ни биде потсетник за важноста на културното наследство – нагласи на крајот Андоновска Илијевски.
На завршната вечер се обрати и градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.
– Фолклорниот колорит на гостите од Македонија, Романија, Боливија, Јужна Кореја, Северен Кипар, Мексико, Турција, Србија, САД ги обои нашите отворени сцени од Старата чаршија до Офицерскиот дом, презентирајќи една историски богата ризница, која говори за минатото, а го поттикнува убавото. Во изминатите 13 дена, ова го потврдија многубројните учесници, ансамбли, фолклорни групи изведувачи и промотори на културата и традицијата, кои низ деветдневна програма нѐ прошетаа низ навистина впечатливи сцени, кои ќе останат долго запаметени, а дополнително се поттикнувач и за младите генерации, потсетување за повозрасните, но и повод повеќе да се престојува во Битола во периодот додека трае фестивалот „Илинденски денови“ – рече Коњановски.
Фестивалот траеше 13 дена, со одлична претпрограма што опфати Етнографски филмски фестивал, детски работилници и изложби, Меѓународна научна фолклорна конференција, кои заедно со камерните и големите концерти прават бројка од 70 настани.
Тони Гламчевски