Оваа меѓународна изложба е една фаза од долгорочната посветена борба за подобрување на работничките права во уметноста и културата во Македонија

Меѓународната изложба „Нема време за работа. Нема време ослободено од работа.“, на која ќе учествуваат десетина уметници од европската и балканската уметничка сцена, ќе биде отворена на 3 септември во Националната галерија на Македонија – „Мала станица“. Овој меѓународен изложбен проект вклучува уметници од Чешка, Словачка и од земјите од поранешна Југославија, а е во рамките на 19-то издание на фестивалот за современи уметности АКТО. Македонската публика ќе има можност да погледне дела од Селма Баниќ, Ленка Ѓоројевиќ и Матеј Ступица, „Хевит колектив“, Лукаш Хофман, Барбора Клајнамплова, Доротеј Нешовски, Данило Прњат, Павла Сцеранкова, Јижи Скала, „Стонителерс“.
– Се чини дека без разлика колку упорно и ревносно се обидуваме, ние – слободните културни работници, уметници, куратори, културни продуценти -немаме доволно време, но уште поважно, време за работа. Капиталот го има колонизирано концептот за распределба на времето: нема време за креативност и нема време за одмор. Немаме време да работиме, а истовремено нема момент без работа. Под превезот на флексибилност, мобилност, слобода и автономија на избор, дејствување, правење значајни и политички напори, ние самите се правиме несигурни и нашите специфични и работни услови ја потхрануваат неолибералната машинерија оставајќи нѐ постојано исцрпени, прегорени, прекарни и, на некој начин, лишени од време – објаснуваат организаторите.
Изложбата ќе биде отворена до 24 септември, а на затворањето ќе се одржи и промоција на брошурата „Прекарно за почетници“ и на публикацијата „Острови на сродство: Колективен прирачник за инклузивни и одржливи уметнички институции“.
Оваа изложба е една фаза од долгорочната посветена борба за подобрување на работничките права во уметноста и културата во Македонија и е еден вид продолжување на серијалот на „АКТО 19“.
„АКТО 19“ досега одржа целодневен музички настан „Градот ме тера да пеам“ во Битола, во партнерска соработка со платформата „Силата ЕУ младите“; серијата на мурали низ Македонија, односно на центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево, на објектот на центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп и два мурала на зградите на бул. Митрополит Теодосиј Гологанов во Скопје; и меѓународната изложба и јавна програма „Куќата што се распаѓа“ во Музејот на Македонија во рамките на проектот „Не сакаме да бидеме ѕвезди (туку дел од соѕвездијата)“. До крајот на годината во рамките на фестивалот се предвидени уште неколку настани.

В.Д.