Погребна маска. Злато, пронајдено во гробот I, во некрополата Требеништа (1918), крајот на VI век п.н.е. Национален археолошки музеј, Софија / Фото: Simin

Позната е по важните остатоци од 56 гроба со богати гробни дарови, меѓу кои златни маски од крајот на седмиот до крајот на четвртиот век пред нашата ера. Некрополата се наоѓа југозападно од с. Горенци, кое е во подножјето на планината Вишовски Рид, еден и пол километар јужно од селото Требеништа, а на околу девет и пол километри северозападно од Охрид

Знаменитостите на Македонија

Во текот на Првата светска војна, во 1918 година бугарската војска случајно открила неколку гроба од некрополата, по што следувале првите археолошки ископувања преземени од археолозите Богдан Филов и Карл Шкорпил. Како резултат на овие истражувања, во 1927 година првпат биле публикувани наодите од првите седум гроба. Десетина години подоцна истражувањата ги продолжил Никола Вулиќ, при што биле откриени уште шест нови гроба, кои како и претходните содржеле богати гробни дарови. Требенишката некропола по ископувањата на Филов, а потоа и на Вулиќ, станала предмет на научен интерес поради нејзиното големо значење и тој интерес до денес не е намален. Следувале истражувањата на В. Лахтов и Ј. Кастелиц, В. Маленко, Паско Кузман и др.
Требенишката некропола ја сочинуваат гробови што се распространети на еден поголем простор и не се групирани на едно компактно место. Јосип Корошец овие гробови ги поделил на три групи: гробови од 1 до 8, од кои седум се оние што своевремено биле публикувани од Б. Филов, и еден, откриен и објавен од Вулиќ, кој исто така ги открил гробовите нумерирани од 9 до 13, т.е. оние што ја сочинуваат втората група. Во третата група се три гроба откриени од Вулиќ, кои се наоѓаат околу 100 метри северно од претходната група. Слична поделба извршиле В. Лахтов и Ј. Кастелиц, со тоа што гробовите ги поделиле на групи А, Б и Ц. Групата А (гробовите од 1 до 8) и групата Б (гробови од 9 до 13) се т.н. кнежевски гробови, а групата Ц – т.н. сиромашни гробови.
Од гробовите на требенишката некропола потекнуваат 825 предмети, од кои 258 се чуваат во Археолошкиот музеј во Софија, 187 во Народниот музеј во Белград и 380 во Заводот за заштита на спомениците на културата и Народен музеј во Охрид. Предметите што посебно се издвојуваат потекнуваат од гробовите од групите А и Б, т.н. кнежевски гробови. Такви се златните погребни маски, златни сандали, белезици, златен и сребрен накит, масивните бронзени кратери, сребрени пехари и ритони, бронзени шлемови и друго. Д.Ст.


Златни маски

Куриозитет претставуваат златните маски, кои се определуваат како култни предмети, односно се поврзуваат со одредени верувања и ритуали во врска со погребувањето, а се откриени во гробовите 1, 5, 8 и 9 од требенишката некропола. Веројатно тие се дело на локални мајстори, а како такви зборуваат за верувањата и ритуалите кај популациите што ги населувале тие области. На територијата на Република Македонија се откриени уште една маска во Охрид и еден фрагментиран примерок во Петилеп-Беранци.
Заедничка одлика на маските е втиснатата орнаментиката (меандар и спирала). На маската откриена во гробот 1 е претставена пчела. Пчелата се поврзува со јонскиот култ на божицата Мелиса (Артемида), која има критско, претхеленско појавување. Во Египет таа претставува еден од првите кралски симболи и во погребниот обреден систем ја претставува душата на дивинизираниот покојник, т.е. ја симболизира неговата моќ. Посредството на Крит во пренесувањето на овој обичај е посочувано од повеќе научници, а легендата за Кадмо и Хармонија можеби сведочи за доаѓањето на критски и кипарски колонисти во областа на Македонија. На Крит е потврдено постоењето на обичајот на хероизирање на покојникот. На саркофагот од Хагија Тријада е прикажана сцена со претстава на мумифициран покојник со маска, а откриена е и маска во Мулијана на Крит, како и сребрени сандали од Библос.


Златни сандали и други предмети

Златни сандали се откриени во гробовите 2, 6, 7, 8, 10 и 12. Тие се изработени од златен или позлатен сребрен лим во форма на стапало. Кај повеќето од овие сандали орнаментот е вегетабилен, односно се состои од палмети и розети, а единствено кај сандалите од гробот 8 се претставени Горгона и две свинги хералдично поставени. На двете сандали со некаков печат е втисната иста декорација, по трипати на секој примерок. Веројатно улогата на овие сандали е сепукрална, т.е. тие му се наменети на покојникот, кому треба да му помогнат и да го штитат на патот до оној свет. Како такви сандалите имаат хтонско-апотропејско значење. Најстар помен на вакво верување има кај Египќаните во т.н. Книга на мртвите, според која до „оној свет“ може да се дојде по два патишта, едниот е по вода, а другиот е сувоземен пат, за кој на покојникот му се потребни чевли.
Меѓу предметите со култно значење е и надградникот откриен во гробот 2. Тој е изработен од златен лим во форма на потковица, на кој е изведена композиција во форма на медалјон. Во центарот на медалјонот се претставени два лава, хералдички поставени. Нивните нозе се поставени врз седум круга, какви што имаат и на подигнатите нозе.