Цените на лешниците скокнаа за над 35 отсто од април годинава. Редок и разорен мраз го покоси ова овошје во април во Турција, најголемиот снабдувач во светот, а извозниците побрзаа да го купат ограниченото количество. Во еден момент, фјучерс-цените за турските лешници надминаа 200 лири (4,91 долари, 4,22 евра) по килограм, со прогнози од 10 долари по килограм на меѓународно ниво. Овој недостиг би можел да ги погоди оние што сакаат слатки, како популарната „нутела“. На лешниците не им се посветува многу внимание, но тие се клучна состојка во многу премиум и масовни производи. Ако недостигот од лешници продолжи, тоа би можело да ги принуди „Фереро“ и другите производители да ги преформулираат своите рецепти за слатки.
Корените на „Фереро“ се во италијанскиот регион Пиемонт, каде што се одгледуваат висококвалитетните лешници тонда џентиле. Покрај Италија, „Фереро“ годишно набавува лешници од Турција, Чиле и од САД. Компанијата сепак ветува дека нејзината стратегија за снабдување обезбедува „доследно снабдување во текот на целата година“. Најновата процена сугерира дека Турција изгубила околу 167.000 тони поради мразот, во споредба со првичните стравувања од речиси 250.000. Лешниците се берат обично на крајот на летото.
Корпоративните купувачи сега се свртуваат кон Чиле, Грузија и САД за да ја намалат зависноста од Турција, но тие исто така тајно се надеваат дека цените ќе се стабилизираат.
Бербата на лешници во Турција започна на 10 август и се очекува да заврши кон средината на септември, соопшти германското здружение на кондиторски производи, истакнувајќи дека влијанието ќе се процени дури по завршувањето на бербата. И другите региони за одгледување лешници се соочуваат со предизвици. Чиле и Грузија произведуваат многу помалку од Турција, а американските лешници, претежно од Орегон, се разликуваат по вкус. Експертите предупредија дека нестабилното време би можело да стане почесто, загрозувајќи ги приносите на лешниците, бадемите и на оревите.