Техно
Ако се прашувате како да ги префрлите податоците од вашиот телефон на друг телефон или компјутер, никој сè уште не ви го кажал најлесниот начин. Префрлањето датотеки од еден уред на друг не треба да биде тешко, но поради некоја причина е. Лидерите на водечките технолошки компании веројатно нема да седнат и да се договорат за универзално решение, па пренесувањето слики или видеа помеѓу телефони, таблети и компјутери, сѐ уште е непотребно комплициран напор. Иако многумина мислат дека најлесен начин за тоа е опцијата блутут, не знаат дека таа не само што е бавна за користење туку и не е погодна за корисниците на ајфон, кои не можат да испраќаат и да примаат датотеки на овој начин, исто како ни десктоп-компјутерите, кои ја немаат вградено. Не се соодветни ниту решенијата од различни производители што дозволуваат испраќање датотеки само помеѓу уреди од иста марка.
Гугл имаше добра идеја со ниарбај шер, како уникатен начин за пренос на податоци помеѓу паметни телефони со андроид и, во поново време, компјутерите на „Епл“ и сопствениците на телефони „хуавеи“, но тие поради американските санкции немаат стандарден пристап до услугите на Гугл.
И што останува? На прв поглед ни останува да инсталираме апликации од трета страна, преку прикачување датотеки на ВеТрансфер или да го жртвуваме квалитетот на сликите и видеата испраќајќи ги преку некоја од апликациите за пораки. За среќа, сè уште има нешто… Не мора да инсталирате ништо, не треба да трошите мегабајти, не мора да го жртвувате квалитетот или да губите време користејќи блутут. Постои универзално решение што ви овозможува да испраќате и да примате датотеки без разлика дали користите телефон, таблет или компјутер, без разлика на брендот или оперативниот систем, а се вика ПеарДроп. Ако знаете како да отворите веб-прелистувач (Хром, Фајрфокс, Сафари итн.), ќе знаете како да користите ПеарДроп. Ова решение поврзува два уреда на иста мрежа, а датотеките се испраќаат од еден на друг многу брзо со помош на вифи-конекција.
Како да го користите: проверете дали двата уреда се поврзани на истата вифи-мрежа; отворете прелистувач на двата уреда и посетете ја страницата ПеарДроп; на екранот ќе можете да ги видите достапните уреди, кои се автоматски именувани од ПеарДроп; на уредот од кој е испратена датотеката, потребно е да кликнете / допрете на уредот што ја прима датотеката; изберете што сакате да испратите, односно апликацијата од која сакате да го направите тоа; уредот што ја прима датотеката треба да го прифати испраќањето; почекајте саканата датотека да се пренесе; на уредот што ја прима датотеката, изберете „Преземи“. Не е важно дали испраќате една или повеќе датотеки во исто време, процесот е ист и ќе трае само колку што се брзи вашите прсти, односно колку што е голема датотеката што се пренесува од еден уред на друг.