Фото: Пекселс

Експертите за спиење ги опишуваат совршените услови за побрзо заспивање, а воедно и за вистински квалитетен сон и велат дека иако секогаш немаме можност да спиеме по осум часа, најмалку што можеме да направиме е да ја задржиме редовноста во спиењето

Автор: Д-р Гзим Исмаили, психијатар

Не е ретка и необична појава наутро да се разбудиме уморни иако сме спиеле со часови. Исто така, се повеќе луѓе знаат да се пожалат дека им е тешко да заспијат навечер, иако чувствувале силна потреба за сон.

Експертите за спиење ги опишуваат совршените услови за побрзо заспивање, а воедно и за вистински квалитетен сон и велат дека иако секогаш немаме можност да спиеме по осум часа, најмалку што можеме да направиме е да ја задржиме редовноста во спиењето.

Редовното и регуларното спиење подразбира легнување и станување во приближно исто време секоја ноќ, без разлика дали е работен ден или викенд.

Експертите нагласуваат за потребата на организмот за темнина во вечерните часови за да се овозможи лачењето на хормонот мелатонин, кој помага во здравиот тек на нашиот сон. Предлагаат да се намали половина од светлото во домот еден час пред спиење, а тоа значи да се одалечите од екраните, особено од ЛЕД-екраните кои емитираат сина светлина што го стопира лачењето на мелатонин. Таа светлина  го мами мозокот да мисли дека надвор е ден иако е ноќ и имате потреба да спиете.

Друг важен надворешен фактор кој влијае врз квалитетот на спиењето и брзината на заспивање е температурата. Многумина од нас имаат спална соба која е потопла од оптималната температура, која треба да е околу 18,5 степени Целзиусови. На мозокот и на телото им е потребна пониска температура за да започне добриот сон.

Алкохолот и кофеинот исто така се критични фактори. Постои заблуда дека алкохолот ни помага побрзо да заспиеме. Всушност алкохолот припаѓа на класата лекови кои ги нарекуваме „седативи“ и со консумирање на алкохол го принудуваме нашиот мозок да потоне во сон на неприроден начин.

Кофеинот е познат по тоа дека може да не задржи будни, но само малкумина знаат дека после внесена доза кофеин во нашиот организам, спиењето не е толку длабоко во споредба со спиење без пиење на кафе.

Експертите советуваат да не остануваме будни во креветот. Во случај ако не успееме да заспиеме за 20-тина минути или сме се разбудиле во текот на ноќта, па тешко ни е повторно да заспиеме, не треба да останеме во креветот. Подобро е да се појде во друга просторија со слаба светлина и да не бидеме во контакт со екрани, јако светло или храна. Може и да се чита книга. Причината за тоа е што мозокот многу брзо почнува да ја учи поврзаноста меѓу креветот како место на кое сме будни, а не како вообичаено место на кое спиеме. Кога ќе почувствуваме дека повторно можеме лесно да заспиеме, треба да се вратиме во креветот и така повторно мозокот ќе ја регистрира спалната соба како место за спиење.

Медитацијата се покажала како успешна во клиничките испитувања да им помогне на луѓето само да го релаксираат телото, да ја смират борбената гранка на нервниот систем што може да се случи кога ќе се разбудиме во текот на ноќта. Тоа ќе ни помогне повторно да заспиеме.