Докторите известуваат дека лекот за имунотерапија што ги топи туморите драстично ги зголемува шансите за преживување и излекување на некои видови рак на дебелото црево и дури може да ја елиминира потребата од операција. Пембролизумабот ја блокира активноста на молекулот ПД-1, специфичен протеин на површината на имуните Т-клетки, што го спречува препознавањето на малигните клетки. Лекот на тој начин ја зголемува способноста на нашиот имунолошки систем да ги напаѓа клетките на туморот.
Втора водечка причина за смрт од рак во светот
Најновото клиничко испитување покажа дека на огромен број пациенти на кои пред операцијата наместо хемотерапија им бил даден овој лек им се повлекол ракот. Научниците ги презентираа резултатите од истражувањето на годишниот состанок на Американското здружение за клиничка онкологија, најголемата светска конференција за рак.
Студијата беше спроведена од Универзитетскиот колеџ во Лондон, Центарот за рак на фондацијата „Кристи НХС траст“ во Манчестер, универзитетската болница „Сент Џејмс“ во Лидс, универзитетската болница „Саутемптон“ и Универзитетот во Глазгов, пишува „Гардијан“.
– Примената на оваа имунотерапија пред операцијата би можела да стане голема пресвртница за пациентите со овој тип рак. Не само што исходот е подобар туку пациентите не треба да поминат низ хемотерапија, која често има штетни несакани ефекти. Во иднина поради имунотерапија, можеби нема да има потреба ни од операција – рече Марк Сондерс од центарот „Кристи“.
Ракот на дебелото црево е втора водечка причина за смртни случаи поврзани со рак во светот. Светската здравствена организација (СЗО) наведува дека годишно се регистрираат повеќе од 1,9 милион нови случаи и повеќе од 900.000 смртни случаи.
Одлични резултати
Научниците спровеле студија на 32 пациенти од пет болници во Велика Британија што имале рак на дебелото црево од втор или трет стадиум и одреден генетски профил (недостаток на ММР/МСИ-Х). Околу 15 отсто од пациентите со рак на дебелото црево во втората или третата фаза ја имаат оваа генетска структура.
Пред операцијата, пациентите примале пембролизумаб, исто така познат како китруда, девет недели наместо вообичаениот третман со хемотерапија. Впрочем, 59 отсто од пациентите по третманот со пембролизумаб немале знаци на рак, додека кај другите 41 отсто, остатоците од малигните формации биле отстранети за време на операцијата.
Сите пациенти во испитувањето биле без рак по третманот. Во случај на стандардна хемотерапија пред операција, ракот е целосно отстранет кај помалку од 5 отсто од пациентите со овој генетски профил. Во текот на следните неколку години, научниците имаат намера да ги истражат вкупната стапка на преживување и стапката на повторување по употребата на оваа терапија.
Имунотерапијата може да ги уништи туморите пред операцијата
– Нашите резултати покажуваат дека пембролизумаб е безбеден и високоефикасен третман за подобрување на резултатите кај пациенти со високоризичен рак на дебелото црево, зголемувајќи ги шансите за излекување на болеста во рана фаза – рече онкологот Каи-Кин Шиу од УЦЛХ.
Според него, имунотерапијата може да ги уништи туморите пред операцијата.
– Ако го стопите ракот пред операцијата, обично тројно ја зголемувате шансата за преживување. На пациентите исто така не им е потребна хемотерапија – додаде Шиу.