• Медиумите имаат исклучително важна улога во справувањето со родово базираното насилство, бидејќи начинот на кој информираат влијае врз јавната свест, охрабрувањето на жртвите да пријават и на институционалната одговорност. Затоа, родово сензитивното известување не е прашање на стил, туку прашање на јавен интерес, професионална одговорност и етика, изјавува Нора Калиќи, претседателка на Советот за етика во медиумите

„Шокантна семејна драма во Тетово“, „Обвинение за полови дејства со дете“, „Сексуален инцидент во Охрид“, „Две жени пријавиле семејно насилство во Скопје“, „Монструозно убиство се случило во Гостиварско, жена била грабната и убиена“…
Ова е сегмент од едно кратко пребарување за тоа какви сè родово несензитивни наслови се користат во медиумите при родово сензитивно информирање. Со чест на исклучоци, медиумите при информирањето за родово базирано насилство го ублажуваат речникот, романтизираат или сензационализраат. Во интерес на привлекување публика, кликови, читаност или можеби од незнаење, тие користат несоодветни термини.
Влијанието на медиумите во денешно време е до тој степен значително што тие, во голема мера, ги обликуваат јавните перцепции и личните уверувања. Тие се многу повеќе од извор на информации и се креатори на реалноста. Оттука е релевантно каков речник се користи во информирањето за родово базирано насилство.
Подетално за тоа како треба родово сензитивно да се известува и да се информира и каков речник треба да се користи, разговараме со експерти и познавачи на темата.

Најчувствителни се грешките кај сексуалното насилство

Д-р Марина Тунева, експертка за медиумска етика и стратешки комуникации и авторка на „Прирачник за родово сензитивно известување во медиумите“, ни сподели дека, од нејзиното искуство и истражување, најчесто гледа три вида јазични грешки што ја искривуваат реалноста.
– Прво, насилството се „омекнува“ со романтизирачки или банализирачки зборови, како на пример „семејна расправија“, „караница“, „љубомора“, „не можел да ја преболи“, „несреќна љубов“. Тоа го преместува фокусот од одговорноста на сторителот кон емоции и наратив на „драма“, како да станува збор за нешто што „се случило само од себе“ – споделува експертката.
Втората јазична грешка, според Тунева, е воведувањето формулации што ја ставаат жената во позиција да се правда.
– На пример, „зошто не заминала“, „што правела таму“, „како била облечена“, „дали го испровоцирала“. Овие рамки создаваат втор круг на повреда, односно секундарна виктимизација, хранејќи ја културата на сомнеж и стигма. Трето, кај сексуалното насилство сè уште се среќава јазик што звучи како да опишува „интимен чин“, а не напад, со користење зборови од типот „обљуба“, „полов акт“, „имал однос со неа“ – вели таа.
Тунева објаснува и дека некои од тие зборови постојат во правниот речник, но при новинарското известување честопати дејствуваат деградирачки и го бришат клучниот елемент, а тоа е отсуството на согласност.
– Попрецизно и професионално е да се користи соодветен речник и нештата да се нарекуваат такви какви што се во реалноста – „сексуален напад“, „сексуално насилство“, „силување“, а и да се остане на фактите, без детали што ја еротизираат или сензационализираат траумата – споделува Тунева.
Тунева го составила прирачникот од многу практичен мотив.
– Во Македонија имаме формалноправни обврски и институционални механизми за заштита, но медиумската рутина честопати останува заробена во стари шаблони од типот брзи вести, „црна хроника“, сензационализам и јазик што ненамерно повредува. Пораката до медиумите е јасна – не се бара „друг вид новинарство“, туку подобро новинарство. Кога се обработуваат вакви теми, професионалноста не е само точност туку и одговорност поврзана со тоа дали нашата новинарска содржина ќе помогне жените да добијат охрабрување и информации за помош или, пак, ќе им биде уште една причина да молчат – објаснува Тунева.
Според нејзините анализи, за родово сензитивно информирање и родово базирано насилство, сликата на новинарските извештаи е мешана, со јасна разлика меѓу медиумите што вложуваат во стандарди и оние што работат исклучиво „набрзина“. Има редакции и новинари кај кои се гледа напредок преку користење повнимателен јазик, помалку „пикантерии“, а повеќе институционален контекст. Но паралелно постои и еден доста присутен сериозен проблем, особено кај дел од онлајн порталите, каде што насилството се претвора во приказна што служи за кликови.

Фемицид е, не убиство од љубомора!

Марта Стевковска, новинарка и специјалистка за комуникации во „Мрежа Стела“, потврдува дека многу често во медиумите, особено во насловите, може да се прочитаат зборови како семејна драма, наместо семејно или родово базирано насилство, хорор во…., ужас во…, обљуба или полово вознемирување, наместо силување или сексуален напад.
– Во однос на фемицидот, најчесто се користи и убиство на жена, што не е погрешно. Сепак користењето на зборот фемицид дава дополнително значење дека убиството е поради родот, односно дека една жена е убиена само затоа што е жена и дека тоа е најтежок облик на родово базирано насилство. Тука игра улога и натпреварот за кликови и импресии, па често, преку сензационалистичките наслови, медиумите сакаат да дојдат до што повеќе кликови на веста. Со тоа, не само што не известуваат правилно и родово сензитивно туку и придонесуваат кон нормализација и релативизација на насилството во нашето општество – истакнува Стевковска.

Одредени медиуми се поправаат, други си тераат по свое

Таа потврдува дека медиумите често го користат и „полицискиот“ или „правниот“ речник во нивното известување што не секогаш е родово сензитивен. Таа терминологија не секогаш е јасна за читателите и иако тоа можеби се зборовите што се употребени во законите или Кривичниот законик, сепак, медиумите треба да појаснат за што точно станува збор, за каков тип на насилство и со тоа да придонесат и кон правилно информирање за распознавање на насилството. Стевковска вели дека на располагање има повеќе ресурси за родово сензитивно известување, а во последно време и сè повеќе има обуки на оваа тема.
– Има медиуми што се поправаат во известувањето и го разбираат влијанието што го имаат врз граѓаните и врз јавноста, особено поради тоа што работат и на кревање на свеста за родови прашања и за заштита и превенција од родово базирано насилство, како и за разбивање на стереотипите и предрасудите – дополнува Стевковска.
На прашањето како редакциите реагираат кога јавноста, граѓанските организации и експертите укажуваат на неправилно користена терминологија, Стевковска вели дека има медиуми што веднаш реагираат и ја поправаат терминологијата кога ќе им се укаже. Но има и такви што не реагираат веднаш и знаат да изреагираат откако ќе се испрати претставка, на пример од Советот за етика во медиумите, или ќе реагираат новинарските здруженија и синдикатот.

Се користи застарена или несоодветна терминологија

Претседателката на Советот за етика во медиумите, Нора Калиќи, вели дека во известувањето за родово базирано насилство, најчестите грешки што ги забележуваат во дел од медиумите се неточна терминологија, минимизирање на сериозноста на насилството, сензационалистичко рамкирање, како и неконзистентност во информирањето и следењето на случаите.
– Наместо јасно да се именуваат како кривични дела и форма на системско насилство врз жените, случаите често се прикажуваат како „приватни конфликти“ или „несреќни настани“. Најтипичен пример е употребата на еуфемизми како „семејна драма“, „семејна трагедија“… – вели Калиќи.
Таа додава дека дополнителен проблем е и романтизирањето или оправдувањето на насилството преку наративи за „љубомора“, „страст“ или „не можел да ја поднесе разделбата“.
– Со тоа се релативизира одговорноста на сторителот. Во случаите на сексуално насилство се користи „обљуба“, „интимен однос“, што ја замаглува тежината на делото. Потребни се јасни, точни и професионални термини како „сексуално насилство“, „силување“, без формулации што создаваат сомнеж во исказот на жртвата – подвлекува Калиќи.
Медиумите имаат исклучително важна улога во справувањето со родово базираното насилство, бидејќи начинот на кој информираат влијае врз јавната свест, охрабрувањето на жртвите да пријават и институционалната одговорност. Затоа, родово сензитивното известување не е прашање на стил, туку прашање на јавен интерес, професионална одговорност и етика.
– Редакциите треба да воспостават јасна политика за точна терминологија и правилно рамкирање, да се избегнуваат еуфемизми како „семејна драма“ или „љубовна расправија“, а случаите да се именуваат како родово базирано насилство, семејно насилство, фемицид, сексуално насилство. Неопходно е да се прекине со сензационализмот и со непотребни детали што ја нарушуваат информираноста и предизвикуваат дополнителна траума – вели Калиќи.
Таа појаснува дека мора строго да се почитуваат принципите за заштита на достоинството и безбедноста на жртвите, без откривање на идентитетот и без јазик што води кон секундарна виктимизација.
– Медиумите треба и да обезбедат контекст и јавна одговорност, преку прашања за институционалната реакција, претходни пријави и исходот на постапките. Важно е доследно и континуирано следење на случаите, а не само известување во моментот кога ќе се случи настанот. И на крајот, потребни се уреднички протоколи и континуирани обуки, за да се воспостави култура на професионално, одговорно и родово сензитивно известување – објаснува Калиќи.

Потребен е системски пристап кон родово базираното насилство

Истиот впечаток од опсервација го има и Стефан Васев, доктор по социолошки науки и асистент на Институтот за родови студии при Филозофски факултет. Термини како „трагедија што ја шокираше јавноста“, како и наслови од типот „сопругот ја уби својата сопруга бидејќи го изневерувала“ или „ја уби својата девојка бидејќи го напуштила“, го прикриваат фактот дека станува збор за родово базирано насилство, а во најтешките случаи и за фемицид.
– Според статистиката на „Евростат“ од 2023 година, Македонија се најде на третото место во Европа по бројот на фемициди, што претставува фрапантен и алармантен податок. Прашањето што се наметнува е како медиумите одговараат на оваа реалност – вели Васев.
Тој појаснува дека лично не сведочел дека некој од традиционалните медиуми, особено телевизиите, има реализирано подлабинска емисија, дебата или континуирана јавна дискусија посветена на оваа тема.
– Најчесто, известувањето се сведува на кратки и изолирани прилози само во моментите кога ќе се случи конкретен случај, по што интересот целосно згаснува. Ваквиот површен пристап укажува не само на медиумски туку и на поширок проблем со институционалниот одговор и недостигот од системски пристап кон родово базираното насилство – вели Васев.
Тој посочува дека отпорот кон родово сензитивниот јазик најчесто не произлегува само од недостиг од знаење туку и од подлабоки структурни и културни фактори. Васев согледал дека некои од медиумите сè уште функционираат во рамките на патријархалните норми во кои насилството се перципира како „приватна работа“, а не како системски и општествен проблем.
– Начинот на кој медиумите известуваат за родово базираното насилство директно влијае врз тоа како општеството го препознава, осудува и спречува – вели тој.
Зошто медиумите сè уште заостануваат во оваа област, дополнително треба да се анализира и стимулира, да се едуцира и коригира. За почеток е доволно да почнат да се користат вистинските термини.

Оваа сторија е дел од проектот ReFrame: Stories That Bridge, кој e финансиски поддржан од Европската Унија, во рамките на Reporting diversity Network program. Содржината е одговорност на „Мрежа Стела“ и не ги одразува ставовите на Европската Унија или на Reporting Diversity Network (RDN).